Од Ковид почина легендарниот пејач и композитор Зафир Хаџиманов


Србија- Во Белград на 78 години почина познатиот македонски пејач, композитор, глумец и поет Зафир Хаџиманов. Српските медиуми јавуваат дека починал како последица од коронавирус.

„Како Вардар“, „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, познати ви се, нели, овие наслови, испеани шансони, евергрини. Тоа се само најпознатите, од кои веднаш ви текнува на мултимедијалниот уметник кој се занимавал со поезија, проза и музички дела Зафир Хаџиманов. Тој, легендарниот Хаџиманов, играл и главни улоги во неколку филма, како во филмовите „Нож“ и „Македонска крвава свадба“. Тој е последниот човек кој пред маршалот Тито отпеал сплет македонски песни.

-Секоја моја песна, креирана и испеана, или напишана и отпечатена, секоја моја ролја, секоја проза, секоја изјава, коментар, сето тоа што јас го чувам и внимателно и умно одвреме-навреме го подарувам е една иста порака – културата и уметноста се силно оружје во борбата за слобода на сè – и љубов, и мисла, и живот, што не може да се купи ниту на црн, ниту на легален пазар. Ниту кај Трамп, ниту кај Путин, ниту кај Си Џинпинг, ниту на Бит-пазар. Прво, описменете се, второ, читајте селективно и квалитетно и, трето, кажете што мислите и бранете го тоа аргументирано докрај, вели во интервју од 2019 Хаџиманов по повод  најновото ЦД-издание „Како Вардар ќе дотечам. Најдоброто од Зафир Хаџиманов“.

Зафир Хаџиманов по таткова линија потекнува од Кавадарци, додека по мајчина е скопјанец. Дипломирал на Факултететот за драмски уметности во Белград, во 1967 година. Тој речиси целиот животен век го поминал во Белград. Во брак беше со една од најпознатите југословенски пејачки Сенка Велетанлиќ-Хаџиманов, со која го имаат синот Васил Хаџиманов, познат џез-музичар.

Автор е на стихозбирките „Шансони на хартија“, „Азил“, „Народен пејач“, „Пес-Пејачка“ и „Брат“, објавени на македонски и на српски јазик. Носител на повеќе награди и признанија на фестивали за поезија и музика, меѓу кои на Струшките вечери на поезијата во 1975 година и на Интернационалниот фестивал на шансони во Загреб во 2003 година.

За својата работа Хаџиманов е добитник на повеќе награди, како што се: наградата на југословенската естрада и е прогласен за истакнат уметник на Србија, наградата за животно дело на скопското радио Бубамара во 2002 година; награда за животно дело, по гласање на гледачите на ТВ Јесењин, Нови Сад во 2003 година и во 2006 година наградата „Златна маска“ за ширење на македонската култура низ светот. Покрај неколкуте награди за животно дело и нашата Влада во 2009 година го прогласува за амбасадор на културата на Република Македонија во Република Србија.

Почетоците на Хаџиманов како кантавтор се во седумдесеттите години на минатиот век, кога ќе се појави како автор на стихови и во тандем со композиторот Корач ја освојува првата награда на Скопскиот фестивал со песната „Земи момче Македонче“, а потоа во 1971 година и со песната „Панаѓур“. Како автор на „Како Вардар“, „Зошто“ и „Туѓа си“ наградуван е на Скопскиот фестивал во 1972/1973/1974 година.

По повод 55 години од неговото музичко творештво, во 2014 година е промовиран неговиот компилациски албум со 19 песни, што во тираж од 10.000 примероци е дистрибуиран како подарок .

Хаџиманов на домашната македонска сцена во 1968 година игра главна улога во музичката комедија на Т. Арсовски и А. Џамбазов во Драмскиот театар во Скопје, а во дует со Љупка Димитровска ја освојува првата награда на фестивалот „Скопје 68“. Во 1969 година повторно се појавува на филмското платно во филмот „Време без војна“ од Бранко Гапо. Таа година втор пат заминува на турнеја во СССР, а на фестивалот во Опатија ќе ја испее песната на А. Корач, „Био е мај“, која ќе стане дефинитивно голем евергрин.

Сам или во дует со својата сопруга Сенка Велентанлиќ-Хаџиманов, снимил повеќе ТВ-програми и го поминал светот пеејќи на концертите во СССР, Франција, Германија, Шведска, Полска, Чехословачка, Унгарија, Романија, Бугарија, САД, Канада, Куба, Австралија итн. Настапувал и раскошно ја сееше македонската музика на сцените како што се Олимпија – Париз, Опера хаус – Сиднеј, Бољшој театар – Москва.