Од Грузија било барано да отвори втор фронт против Русија
Премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе изјави дека на почетокот на војната во Украина од грузиските власти било побарано да отворат втор фронт против Русија.
– Тоа ни го кажаа зад затворени врати, кога не повикаа да отвориме втор фронт. Како што покажа искуството, се потврдува дека нашиот пристап беше апсолутно исправен и оправдан, посочи Кобахиѕе, без да прецизира кој барал од Грузија да отвори втор фронт против Русија.
Тој посочи и дека се поклопуваат ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп со тие на владејачката партија Грузиски сон.
– Поради тоа што го зборуваме три години затоа сме прогласени за проруска и антизападна партија, и сега тоа го повторува новата американска администрација. И тоа се однесува на нашите изјави за Украина, наведе Кобахиѕе.
Тој претходно ја критикуваше и администрацијата на Џо Бајден и ја обвинуваше дека сака да остави „што потешка ситуација“ во Јужен Кавказ за идната американска влада.
Грузија подолг период се соочува со политичка криза, откако опозицијата не ги призна резултатите од парламентарните избори, а дополнително се влоши поради одлуката на грузиската Влада да ги пролонгира преговорите за членство во ЕУ до 2028 година.
Поради тоа ЕУ воведе санкции за голем број грузиски функционери.