Од ДПМ иницираат обновување на Книжевна младина
Членови на Друштвото на писателите покренале иницијатива до Агенцијата за млади и спорт за обновување на поранешната Книжевна младина на Македонија, од каде што ДПМ во иднина ќе ги добива своите членови. Иницијативата ја покренал писателот Христо Петрески заедно со професорките од Филолошкиот факултет во Скопје, Кристина Николовска и Весна Мојсова-Чепишевска.
Петрески рече дека младите во земјава немаат свој весник како некогашниот „Млад борец“, а одамна не постои ниту Книжевна младина која, рече, беше стожер на младите заедно со Музичка младина која, сепак, сè уште постои. Потсети дека Книжевна младина порано имаше и традиционален литературен конкурс „Алфа“ кој, исто така, планираат да го обноват со поддршка на Агенцијата за млади и спорт.
-Тоа е конкурс за едиција каде што нема да се објавува само поезија, туку и проза, критика и есеј и драмски текстови. Покрај едицијата „Алфа“, ќе направиме сè повторно да ја организираме и поранешната манифестација „Млада Струга“, како претходница на „Струшките вечери на поезијата“. Целта е талентираните и надежни млади поети од земјава да се сретнат и да другаруваат со познатите и афирмирани поети од земјава и од светот, истакна Петрески.