Од домот „Ранка Миловановиќ“ исчистени 50 тони отпад
Од рано утринава е во тек координирана акција на инспекторатот на општина Гази Баба, инспектори од Единицата за економски криминал при Министерството за внатрешни работи и Министерството за социјална политика, демографија и млади со асистенција на униформирани полициски службеници.
Во акцијата е одземена голема количина на различни видови отпад и извршено е уривање на три бесправно изградени објекти кои служеле како работилници за преработка на отпад.
Со помош на механизација на ЈКП „Гази Баба“ се собра повеќе од 50 тони отпад кој беше во дворот на објектите, соопштија од општината.
Во текот на утрешниот ден ќе биде поднесена кривична пријава против едно лице кое спротивно на Закон вршело различен вид на активности без за тоа да поседува соодветни дозволи за вршење на дејност, а согласно Законот за управување со отпад.
Од таму најавуваат дека во соработка со Владата и со Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе се донесе трајно решение за проблемот со „Ранка Милановиќ“.
Седум пати се гасел домот „Ранка Миловановиќ“ – што презеле општините против аерозагадувањето?
Домот „Ранка Миловановиќ“, служеше како дом за штитеници, односно за деца и за младинци со проблематично поведение. Во 2019 година тие беа префрлени во мали групни домови, со што најпрво се подобрија условите во кои живееја штитениците, но и се подобрија безбедносни причини, бидејќи некои од нив често беа обвинувани за кражби во околината и за константни тепачки.
Оттогаш пак, се појави друг проблем. Објектот стана дом на бездомници, каде се вселија цели семејства со мали деца, кои живееја во никакви услови. Често без вода и без струја, а во просториите и и во дворот се трупаше отпад од секаков вид.
Дел од медиумите пишуваа дека во домот живеат шеесетина семејства, најчесто со мали деца. Дел од нив беа преселени од дивата населба под калето, а дел беа однесени во ценатор тво Визбегово.
Неколкупати се спроведуваа акции за чистење во домот, но општината не можеше повеќе да направи, затоа што од Министерството за труд и социјална политика, им соопштија дека тоа е приватен имот и дека не смеат да дејствуваат таму.
Општина Гази Баба бара Владата да им го додели објектот, кој би го реставрирале и би го намениле за образование и здравство, според Деталниот урбанистички план. Дали тоа ќе се случи наскоро, останува да видиме.