„За уши од дома ќе ги вадиме“: Мицкоски против „административната мафија“

Нема да има милост, кој сака нека биде, од каква сака нека биде етничка припадност и од која сака нека биде политичка партија, рече премиерот


Христијан Мицкоски за време на посетата на повредените во Клиничкиот центар

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска се закани на, како што ја нарече „админстративната мафија“ дека ќе ги вади од дома „за уши“, без разлика за кој станува збор, односно на која функција, од која партија или од која етничка заедница. Тој по речиси девет месеци на власт презентирашe, како што рече „шокантни сознанија“ дека лани биле издадени само 12 лиценци за кабареа во земјава, но не знаеше колку од нив во моментов се валидни.

„Нема да има милост, од дома ќе ги вадиме. Ако мислат дека ќе се обидат на етничка карта да играат и на политиканство кое што вчера се обидоа на тие полноќни пресконференции, од дома за уши ќе ги вадиме. Тоа треба да го знаат“, рече видно изнервиран премиерот, притоа иако тоа не го кажа, очигледно мислејќи на прес конференцијата на потпретседателот на ДУИ Арбр Адеми, на која порача „институциите и партиите да се откажат од обидите да ја прикажат ДУИ како виновна за се што се случило“.

Мицкоски посочи дека лани имало издадени вкупно 12 лиценци за кабареа.

„Вие може да претпоставите колку клубови работат во државата. Само 12 поседуваат лиценци и од тие не знаеме кои се уште се валидни бидејќи на некои претпоставувам рокот им е изминат бидејќи се со важност од една година. Така што, не очекува многу работа“, рече Мицкоски додавајќи дека очигледно некој не си ја вршел работата и дека сега се обидува под наводно некаква политизација да ја скрие криминалната работа која што ја правел изминатите години додека раководел со таа институција.  

„Нема да има милост, тоа и вчера го кажав, го повторувам и денеска, кој сака нека биде, од каква сака нека биде етничка припадност и од која сака нека биде политичка партија. Тоа што се случувало е повеќе од криминал. Ова е масовно убиство кое што некој го дозволувал за пари, за мито, за корупција, да се случи“, обвини Мицкоски.

Одговарајќи на прашања на новинарите, тој посочи дека клубот во Кочани извадил лиценца два пати – во 2021 и во 2023 година.

„Значи цело време работел или без лиценца, а прашањето е тие што му потпишале во 2021 и 2023 година, како му потпишале и врз основа на кои елаборати и кои документи му потпишале. Во 2024 година видовме како му потпишале, бидејќи на архивското бројче на која се води оваа фалсификувана лиценца е за ‘коресподенција со странски инвеститор’“, рече Мицкоски, порачувајќи им на „оние кои што прават полноќни прес-конференции“ дека тука нема политика.

„Ќе одговарате сите кои што сте се дрзнале на овој начин да водите политика на грбот на граѓаните и на животите кои што овие деца ги изгубија“, рече Мицкоски.

На прашањето дали гледа одговорност и во други институции, Мицкоски одговори дека во изминатиот период се бореле со политичката мафија, која ја победиле на избори, потоа со мазут мафијата, која ја ставиле во притвор, со коцкарската мафија, од која дел избегала, а дел се во притвор, како и со енергетската мафија, која дел избегале, а дел се во притвор, и со уличната мафија, од која сите биле во притвор.

„Ќе ја победиме и оваа административна мафија“, рече Мицкоски.

Запрашан дали по оставката на градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, ќе има и други оставки од функционери, тој во популистички стил рече дека ја презема целата одговорност врз себе.

„Еве јас ја прифаќам целата одговорност на мене, ако јас сум проблемот на оваа држава, јас ќе ја прифатам целата одговорност на мене. Ако е тоа желбата на поединци“, рече Мицкоски додавајќи дека сепак, таквите нема да го имаат задоволството „сега додека не ги поразиме сите оние кои што на криминален начин направија тоа што го направија“. Потоа, како што додаде, ќе оди на избори и „граѓаните ќе кажат кој треба да сноси одговорност, а кој треба да заврши во затвор“.

Во однос на оставката на градоначалникот на Кочани, оцени дека тој се повлекол од функцијата, иако ништо не зависело од него и бил без никаква одговорност, но бил доблесен и поднел оставка.

„Ќе повторам, сите институции овие осум месеци жестоко се борат да ги поразат сите оние мафии кои што владееја седум години во оваа земја, би рекол и децении и тоа не може преку ноќ. Еве, јас сум виновен, на мене префрлете ја вината“, рече Мицкоски.

Тој појасни дека објектот што изгоре во страшниот пожар во Кочани бил легализиран во 1999 и во 2014 година, според елаборат кој што бил согласно закон за легализација на дивоградби.

Прво во 1999 добил дозвола за градба, а во 2014 била дооформена парцелата која до милиметар одговарала согласно елаборатот.

Христијан Мицкоски во една болничка соба на Клиничкиот центар каде што се повредените

„Општината има надлежности во домен на комуналните инспектори, да проверат ако има тераса, дали е согласно елаборатот“, рече Мицкоски додавајќи дека е јасна одговорноста на институциите во минатото.

„Има фалсификувана лиценца за работа. Фалсификувана лиценца за кеш“, рече Мицкоски, порачувајќи јавноста да почека да види што ќе открие истрагата.

„Јас знам, за да не ја нарушам истрагата, затоа молчам“, рече Мицкоски.

Тој исто така повтори дека освен клубовите што имаат законски важечки лиценци никој друг нема да работи.

„Знам дека ќе речат ‘луѓе ќе останат без работа, ќе одат во Хрватска’, но еден човек да спасиме нема посреќен човек на светот од мене да има“, рече премиерот и нагласи:

„А, зошто е таква состојбата е друго прашање. Не можеме да се справиме со толку мафијашки кланови за осум месеци, еден по еден ќе ги требиме и ќе ги истребиме до последен. (Н.В.)