Од Димовски се чека да расчисти со „наследството“ од Мијалков


По точно една деценија, Виктор Димовски (60) се враќа во безбедносно-разузнавачкиот сектор – овој пат како прв директор на новата Агенција за безбедност. Од вторникот, досегашниот државен секретар во Министерството за надворешни работи е засега единствен вработен во Агенцијата која законски е во функција од 1 јуни годинава, а со чие конституирање заминува во историја досегашната Управа за безбедност и контраразузнавање.

Се очекува наскоро Димовски, како директор, да ѝ предложи на Владата кандидат за негов заменик во Агенцијата – позиција за која со новата регулатива за оваа област се предвидени поблаги критериуми: најмалку осумгодишно работно искуство во безбедносно-разузнавачката заедница, од кои најмалку четири години на раководна позиција. Затоа, пак, за директор на новата институција се бараше кадар од калибарот на Димовски – со најмалку 12-годишен стаж во безбедносниот сектор – од кои барем пет на раководна позиција и кој успешно ќе ги помине проверките за безбедносен ризик. Условите за избор на директорската и заменик-директорската позиција во Агенцијата, всушност, беа уште построги во првичниот текст на Законот за Агенцијата за национална безбедност, така што се бараше искуство во безбедносната сфера од најмалку 15 години (за директорот) и 10 (за заменикот), за потоа, од непознати или можеби субјективни причини, амандмански да се интервенира за нивно ублажување. Според официјалната биографија, Димовски ги задоволува законските услови за да премине на новата функција, со оглед на неговата „цикцак“ кариера во дипломатијата и во безбедносниот сектор. Почнувајќи од 1982 година, кога првпат како дипломиран правник се вработува во МВР, па досега – кога од главната оперативна функција во МНР, се сели на челното место во „внатрешното разузнавање“.

Професионално најекспониран е во периодот 2003-2009 година, што се поклопува со враќањето на СДСМ на „Илинденска“, а потоа и преминувањето на тогашниот премиер Бранко Црвенковски на чело на државата. Во оваа етапа од кариерата, Димовски прво е именуван за амбасадор во Белград, од каде што го покрива и Израел, а по завршувањето на мандатот во 2007 година станува директор на Агенцијата за разузнавање, која тогаш е под надлежност на Црвенковски како шеф на државата. По доаѓањето на Ѓорге Иванов за претседател, Димовски се враќа како амбасадор во МНР и во меѓувреме магистрира, а потоа и докторира политички науки на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Ваквиот развој на неговата кариера е веројатно една од причините поради кои на Димовски му се припишува блискост со „струјата“ на Црвенковски во СДСМ, иако упатени во внатрепартиските состојби велат дека тоа е релативна работа. Особено ако се има предвид дека тој, само неколку седмици по формирањето на владата на Зоран Заев, е именуван на првата оперативна функција во МНР или трета во хиерархијата на овој владин ресор. Решението за негово именување го потпиша шефот на дипломатијата Никола Димитров кој, пак, дојде на функцијата како непартиско решение.

Во политички кулоари има информации и за наводни несогласувања меѓу Димитров и Димовски, што се посочува како една од причините што биле земени предвид при носењето на одлуката за тоа кој од неколкуте потенцијални кандидати треба да направи трансфер во новата Агенција за безбедност. За таа позиција, меѓу другите, се спомнуваше и досегашниот директор на УБК, Горан Николовски, кому овој месец му заврши мандатот согласно со новата регулатива за реформи во безбедносниот сектор.

За разлика од УБК, која функционираше во рамки на МВР, Агенцијата за безбедност е под надлежност на владата, која во вторникот донесе одлука на Димовски да му го предаде „врелиот костен“ за спроведување на реформите во безбедносно-разузнавачката сфера, која со години наназад се посочува како главен извор на политичките кризи во државата. Најочигледен доказ за тоа беше големата политичка криза што почна да се наѕира уште на почетокот на 2015 година, кога тогашниот опозиционер, а сега премиер Заев, прво ги најави, а потоа почна и да ги детонира т.н. „бомби“, односно телефонските разговори што неовластено биле снимани во УБК, во периодот кога оваа безбедносна служба беше под директорска палка на „озлогласениот“ Сашо Мијалков.

Обелоденувањето на аферата со масовното нелегално прислушување, покрај тоа што ги покрена меѓупартиските преговори за постигнување на пржинскиот договор, го донесе во земјава и експертскиот тим на Европската комисија, предводен од Рајнхард Прибе. Неговиот извештај укажа на крупни и системски слабости во функционирањето на институциите во земјава, посебно во безбедносниот сектор и во областа на правосудството. И главните препораки од извештајот на Прибе беа во насока на темелно реформирање на разузнавањето и на правосудството. По последната смена на власта, тоа резултираше, меѓу другото, со формирање на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА), преку која сега се реализираат посебните истражни мерки за следење на комуникациите, како и со укинување на УБК и ставање во функција на новата Агенција на чие чело застанува Димовски – со мандат од четири години и право на реизбор.

Со формирањето на Агенцијата за национална безбедност, практично, ќе се спроведе ветинг на вработените во УБК. Наскоро треба да се формира комисија за селекција на кадри во новата Агенција. Целиот процес на избор на кадри се очекува да заврши до септември и притоа ќе бидат преземени само дел од вработените во УБК. Оние што нема да бидат преземени во новата Агенција ќе бидат распределени на други работни места во МВР, додека на оние за кои, преку проверката, ќе се утврди дека постои безбедносен ризик веднаш ќе им престане работниот однос во МВР. (А.М.М.)