Од денеска за 15 отсто намалени цените на училиштниот прибор (видео)
Намалување на цените од 15 отсто на тетратки, ранци, молици, торби, или се она што им е потребно на учениците за почетокто на новата учебна година, може да се очекува во книжарниците од денеска, а намалувањето ќе трае до 30 септември.
– Со почетокот на новата учебна година нашата цел е да им помогнеме на семејствата да ги намалат трошоците и да го заштитиме животниот стандард на граѓаните – рече портпаролката на Владата Марија Митева.
Владата на денешната седница донесе одлука со која се намалуваат цените на училишниот прибор, од денеска, заклучно со 30 септември 2026 година.
– Со оваа одлука трговците на големо се задолжуваат цените на училиштниот прибор да ги намалат најмалку за 10 отсто, додека трговците на мало се задолжуваат да обезбедат намалување од најмалку 15 проценти – додаде Митева.
– Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за почетокот на учебната година. Ќе ми дозволите овде да ги набројам сè со цел да бидат семејствата и граѓаните запознаени: ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала, боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст-маркери, темперни, акрилни и водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни, како и материјали за изработка. Практично, сè што е потребно за стартот на учебната година – рече Митева.
Трговците се должни покрај новата, намалена цена на производот, да ја прикажат и старата цена која важела на 1 јуни 2026 година. Затоа што, токму оваа цена се зема како базична врз основа на која се утврдува намалувањето.