Од 19 новоосомничени за пожарот во Кочани, за 10 се бара ефективен и домашен притвор, за осум мерки на претпазливост


Основното јавно обвинителство Кочани ја прошири истрагата за пожарот во кочанскиот клуб „Пулс“ за нови 19 лица. Сите, како и претходните за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Од нив, за четири осомничени е предложена мерка притвор, за шест осомничени мерка куќен притвор во комбинација со забрана за остварување комуникација, додека за уште осум се предложени мерки за претпазливост. Еден осомничен во моментот на отворање на истрагата беше надвор од државата, информира државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната заедничка прес-конференција со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. 

По функција новите осомничени лица се: тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, тројца директори на Дирекција за заштита и спасување покрај претходно еден директор кој е веќе во постапка, еден генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување, тројца министри за економија, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија  и четири пазарни инспектори во ДПИ. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата, бидејќи досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на објектот на клубот „Пулс“ во Кочани, кажа државниот јавен обвинител Коцевски на новинарско прашање.  

Државниот обвинител прецизира дека досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Дополнително, како што кажа, се води истрага и против седум полициски службеници. Порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.

-Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца. Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа, рече Коцевски.

Во однос на одговорноста на локалните власти, врз основа на досегашните истражни дејствија, покрај тројцата градоначалници на Кочани кои се веќе осомничени, Обвинителството дошло до основано сомнение за можна одговорност и на тројца овластени општински градежни инспектори, кои постапиле спротивно на своите надлежности и овластувања од Законот за градење и Законот за инспекциски надзор, потенцира дека воопшто не извршиле никаква инспекциска контрола на објектот кој со години бил незаконски пренаменет од објект за лесна индустрија во угостителски објект без никакви безбедносни стандарди.

Во рамки на Дирекцијата за заштита и спасување, освен претходно осомничениот директор, истрага е поведена за уште три лица на истата функција, вклучително и актуелниот директор, како и против генералниот инспектор во Дирекцијата кој бил на таа позиција во текот на целиот период на функционирање на клубот.

– Постои сомнение дека тие постапиле спротивно на нивната должност предвидена во Законот за заштита и спасување и Законот за инспекциски надзор и целосно ги запоставиле своите надлежности не само во однос на овој клуб, туку и на останатите угостителски објекти во државата. Низ годините ниту еднаш согласно ризиците кои постоеле и кои морале да ги имаат во предвид, не спровеле мерки на набљудување, следење и инспекциски надзор над објекти кои вршат угостителска дејност-дискотеки и кабареа. Со своето неизвршување на должностите, спротивно на јавниот интерес, во целост го нарушиле системот за заштита и спасување и со тоа во континуитет ги изложиле граѓаните на опасност од непроверени и контролирани објекти од аспект на исполнувањето на потребните законски услови за безбедност, заштита од пожари и опасност по нивното здравје и живот, наведе Коцевски.

Покрај претходно осомничениот министер за економија, државен секретар и уште тројца раководни службеници, сега новоосомничени се уште три лица кои во одреден период од функционирање на клубот ја извршувале функцијата министер за економија, двајца државни секретари и уште три службени лица на раководни позиции надлежни на одделите за угостителство и туризам, кои се сомничат.

– Сите тие, како и претходно осомничените во Министерството за економија, се истражуваат затоа што му овозможувале на Кабаре клуб Пулс да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа и незаконито да продолжи со вршење на угостителската дејност за целиот период од отворањето до пожарот. Актуелниот министер за економија не е опфатен со истрагата бидејќи нема ниту еден доказ дека сопственикот на клубот иницирал постапка за нова лиценца во 2025 година, вели државниот обвинител.

Од аспект на Државниот пазарен инспекторат, истражните дејствија до овој момент, покрај тројца веќе осомничени, посочи тој, упатуваат на основани сомненија на уште четири пазарни инспектори кои биле надлежни да вршат инспекциски надзор за правилна примена на важечките закони и подзаконските акти.

Што се однесува на двајцата поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат кои исто така од претходно се истражуваат, проверките за нив продолжуваат пред се поради околноста дека нивниот мандат се врзува со периодот во кој клубот работел со фалсификувана лиценца, како и уште неколку други лиценци кои се предмет на проверка.

Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.

– Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и сите институции кои сме вклучени во оваа постапка чувствуваме огромна одговорност кон жртвите на овој трагичен настан, но и кон граѓаните воопшто за во целост да го испитаме. Временската рамка за анализа на пропуштањето која обвинителството ја применува тука се заснова на принципот на: непосредно пропуштање – кое се анализира во краткорочен период (на пр. ненавремено реагирање на пожар или неуспех да се поправи дефект што веднаш довел до штета), но и долготрајно пропуштање – кое вклучува системски недостатоци, како што се повеќекратни пропусти во безбедносните процедури, што може да доведат до катастрофални последици години подоцна, појасни државниот обвинител во однос на дилемите во јавноста за обемот, одговорнсота и аспектите што се предмет на истрагата.

Предмет на анализа е и таканаречениот кумулативен ефект на пропуштањата, односно ако повеќе различни лица во текот на долг временски период прават повторувачки пропусти,  и тие се дел од поширока причинска врска, бидејќи нивниот збирен ефект може да биде критичен.

– Во сложени случаи, анализа на каузалитетот не се врши само во еден временски момент, туку во хронолошки низи, токму затоа повторувачките пропусти на различни лица низ подолг временски период се земаат предвид при анализа на причинско-последичната врска. Во случаи на долготрајна негрижа, цели институции или системи се одговорни, а не само поединци во моментот на самата последица, рече Коцевски и ги наведе како пример во светски рамки пожарот во клубот во Романија во 2015, пожарот во клубот во САД во 2003 и пожарот во клубот во Бразил во 2013 – сите случаи на масовни трагедии поврзани со пожари како резултат на употреба на пиротехника, каде судовите ја признале долгорочната серија на пропусти како фактори што го направиле пожарот толку разорен.

Коцевски кажа и дека претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, потенцирајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија.

Министерот Тошковски посочи дека во насока на расветлување на правно-кривичниот настан Министерството за внатрешни работи презеде низа активности со кои покажа дека законот важи за секој што ќе се огреши, а при тоа да се собрани соодветни докази, подвлекувајќи дека не смее да се дозволи оваа истрага да биде предмет на политички препукувања.

– Македонските граѓани за она кое досега е спроведено може да направат разлика, во споредба со она кое било правено претходно. На сите им е јасно дека разликата е огромна. За разлика од претходно со оние 3-4 трагедии кои се споменати во јавноста, каде имавме 70-тина жртви, во минатото МВР немаше поднесено никаква кривична пријава до ЈО и немаше ниеден осомничен. Бројките на она кое што досега го сработивме ги наведе и јавниот обвинител и таа разлика е огромна. Покажуваме дека законот важи за секој кој ќе се огреши, а при тоа ќе се обезбедат докази. Не смееме да дозволиме оваа истрага да биде под влијание на политички препукување кои сакаат да заработат одреден поен, мислат дека можат да не втурнат во насока која што не би била посакувана од аспект на спорведување на една законита темелна и професионлана истраг. Ќе продолжиме и понатаму да преземаме соодтвени активности за секој што ќе бидат собрани докази, рече Тошковски.

На новинарско прашање Коцевски потенцира дека во однос на кривичното дело истрагата се води по однос на член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик за Тешки дела против општата сигурност, но не е исклучено да има обвиненија и по други кривични дела ако тимот јавни обвинители што ја води истрагата го оцени тоа. 

Прашан дали и лицата кои се веќе во пензија ќе бидат опфатени со истрагата, државниот обвинител појасни дека за ова кривично дело нема застареност.

-Тимот на јавни обвинкители токму внимаваа и на тој дел во однос на застареноста. Како појадовна точка се зеде 2012 година и нема застареност за ова кривично дело до денот на отворањето на истрагата, рече Коцевски.

Во однос на надлежностите на Министерството за економија иако немало потполна документација за исполнување на техничките и безбедносните услови на објектот во Кочани, давале лиценца, тој појасни дека од почетокот на функционирање на „Пулс“ никогаш не биле исполнети потребните услови за кабаре, туку во суштина објектот работел како дискотека што влијаело за бројот на гости што требало да бидат присутни. -Картите на гостите формално биле издавани до бројот кој што можел да ги прими овој објект, а тоа било 240, а во моментот на несреќата во објектот биле присутни околу 650, вели Коцевски. 

Кај ДЗС доказите посочуваат дека суштинските пропусти при проучување на одговорност и можна инволвираност на лица од оваа институција се токму кај раководната структура на институцијата. Тоа што имале од оперативно технички и превентивен  карактер должност да го преземат е нарушено во секоја смисла, а општина Кочани била оставена без воопшто да овластат инспектор за заштита и спасување.

-Угостителската дејност – дискотеки и кабареа никогаш не била предмет на контрола и надзор, како во Кочани така и во цела држава и граѓаните биле под потенцијална загрозеност во сите угостителски објекти. Ова е нешто во што не може човек да верува но е така, вели Коцевски.

Кај ДПИ проучуваната е улогата и одговорноста кај секој посебно, но за разлика од ДЗС, посочи дека овде доказите упатуваат дека нема истоветност.

Прашан за обвинувањата од ДУИ дека со истрагата се насочува на припадници од една партија државниот обвинител потенцира дека во овој предмет нема никаква селекција, туку истрагата се води професионално.

-Во овој предмет нема никаква селективност како во поглед на национална или партиска припадност. Сите оние за кои обвинителскиот тим сметаше дека има опредлени инкриминирани дејствија се опфатени. Во однос на националниот состав на истрагата не можам ништо да коментирам, очекувам и натаму да има вакви изјави. Обвинителство ќе работи закони, подвлече Коцевски.

Очекува дека мерките кои ги побарале за новите 19 осомничени се одобрени, бидејќи се поткрепени со докази. Истрагата за случајот со катастрофалниот пожар мора да заврши за уште два месеци