Граѓаните ќе ја плаќаат модернизацијата на мрежата со поскапо парно од 5,9 отсто
Просечната сметка ќе биде поголема за 130 денари. Во октомври имало над 22.000 поплаки на корисниците на парно, а во ноември се намалиле на 4.000
Од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата ќе се зголеми во просек од 5,9 проценти, соопшти денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
За корисниците кои се снабдуваат преку најголемиот систем (ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Снабдување и ЕСМ Производство) поскапувањето изнесува во просек 5,9%, додека за потрошувачите на ЕСМ Енергетика зголемувањето е 7,6%, а за Скопје Север – Енерџи Еко Линк околу 7,7%.
„Од 1 декември просечната сметка ќе биде зголемена за околу 130 денари, од сегашните 2.200 денари на 2.330 денари“, истакна претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој нагласи дека е потребно долгорочно стратешко планирање и сериозна модернизација на топловодната мрежа за да се намалат дефектите, да се подобри квалитетот на снабдување и да се овозможи проширување на мрежата.
„Единствена причина за ова зголемување на цената на парното е тоа што во наредниот период ќе се инвестира во развивање на дистрибутивната мрежа, која што е изградена во средината на 60-те години на минатиот век и во изминатиов период се менуваа повеќе сопственици и конечно една државна комапнија започна да ја управува во 2023 година“, рече Бислимоски.
Според него, штом имало многу соственици, јасно е дека многу малку е инвестирано во оваа мрежа, а поради тоа оваа сезона има најмногу поплаки на греењето и најмногу повици во кол-центарот на ЕСМ Дистрибуција.
Во октомври имало најмногу поплаги од граѓаните 22.562 рекламации, а во ноември рекламациите се намалиле на 4.854. Бислимоски очекува да се намалуваат поплаките во следните месеци, затоа што ЕСМ Дистрибуција презела обврска да ја стабилизира состојбата со достава на топлинска енергија.
Сепак, за подобрување на мрежата, ќе се чека завршување на грејната сезона.
Бислимоски потсети дека парното греење и понатаму е најекономично решение.
Според него, анализите покажуваат дека доколку сите исклучени корисници повторно се приклучат на системот, сметките би се намалиле за околу 10 проценти.
Во моментов, околу 65.000 потрошувачи се снабдуваат со топлинска енергија.
Тој најави дека во наредниот период да се спојат железарското парно и градското, за да нема различно зголемување на цената. Дополнително, се очекува неколку училишта да се приклучат на мрежата на парното во Скопје Север, на чие парно се приклучени само 450 потрошувачи.
Бислимоски го поздрави новиот Закон за градба, кој предвидува онаму каде се градат нови згради, а има развиена топловодна мрежа, тие згради да мора да бидат приклучени на парно греење.