Облечете ги маичките за опстанок на СЈО


ФРОСИНА ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

„Шарените револуционери“, кои својата борба против режимот ја почнуваа од пред Специјалното јавно обвинителство, први ја закопаа специјалната јавна обвинителка Катица Јанева и побараа ревидирање на сите постапки на ова обвинителство. Ги фрлија маичките со трите обвинителки, а оние што не ги фрлиле, сега кога над Јанева е надвиснат сомнежот за вмешаност во земање рекет, почнале да бришат прашина со маичките. Јанева, пак, даде оставка и никој не знае каде е.

Вестите за Јанева ги шокираа и обвинителите во СЈО, но брзо се созедоа, заеднички се оградија од неа и порачаа дека СЈО не е Катица Јанева. Обвинителката Ленче Ристоска излезе од бункерот во кој ја сокри токму Јанева и им порача на политичарите да не си играат со институцијата. Сега останатите обвинители како да се растоварија од нејзиното влијание. Последната година единствено само Јанева се појавуваше во јавноста и даваше изјави со пораки дека неа никој не може да ја смени.

Додека Јанева редеше повеќе непромислени изјави, обвинителите мудро молчеа во заднина, под изговор дека менаџментот за пиар проценил дека не треба да се појавуваат во јавноста. Сепак, по нејзината оставка, Ристоска се отвори повторно во јавноста, а обвинителката која го води клучниот случај „Империја“, Лиле Стефанова, не можеше да додржи, а да не каже дека сите одлуки, предлогот да му биде одреден куќен притвор на Орце Камчев и да им бидат вратени пасошите на другите осомничени во „Империја“, ги носела и потпишувала токму Катица Јанева. Сега сите тврдат никој ништо не знаел и за ништо не биле информирани.

Сепак, сите се согласија дека доколку се докаже криминалот на Јанева, таа треба да одговара, но со сите сили сакаа да ја убедат јавноста дека останатите работело чесно и законски и дека токму тие се СЈО. Истите пораки ги испратија и странците кои истурија илјадници евра за да создадат истражни центри и да ја кренат на нозе институцијата која го сруши Груевски. И додека за некој оваа институција беше ад хок тело создадено само за да се урне Груевски, за оние што сакаат вистинска правда во земјава оваа институција треба да опстане, за да го докаже криминалот на минатата власт и да се зафати со актуелните политичари.

Јанева почна да плива, но сега се дави во матните води, а обвинителите кои останаа имаат врзани раце додека политичарите не се договорат за статусот на СЈО. Премиерот и сите правосудни органи застанаа на иста линија и порачаа дека секој што се огрешил од законот треба да одговара и најновата истрага за рекетот, власта ја претстави како неселективна борба со криминалот.

Но, ваквата борба единствено ќе биде потврдена ако се оконча случајот „Империја“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство против бизнисменот Орце Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. За оваа истрага СЈО на селективен брифинг со новинари обелодени многу детали, но потврда дека Стефанова до крај ќе ги гони недопирливите ќе стигне кога ќе ги собере доказите и ќе поднесе обвинение против Мијалков и Камчев. Камчев од куќен притвор на слобода го пушти Врховниот суд, чиј претседател е одамна со нарушен кредибилитет, ама уште останува на врвот во правосудниот систем. Токму највисокиот суд му го зададе одлучниот правен удар на СЈО, го прогласи ненадлежно да отвора истраги и постапки по спорниот рок. Со ова правно мислење најголема полза извлекоа токму осомничените во „Империја“. Но „Империјата“ не смее да го возврати ударот, затоа борбата не застанува тука, туку почнува од нула. „Револуционерите“ нека ги облечат маиците за опстанок на СЈО.