Објавени прекрасни снимки од Земјата и Месечината, испратени од првата јужнокорејска сонда


 

Јужнокорејската прва лунарна сонда „Данури“ испрати фасцинантни црно-бели фотографии од површината на Месечината и Земјата, објави денеска Јужнокорејскиот вселенски центар.

Сондата „Данури“ беше лансирана во август од САД со ракета „Спејс Икс“, а во декември беше поставена во орбитата на Месечината по летот што траеше подолго за да заштеди гориво. Фотографиите се направени од 24 декември до 1 јануари на растојание помало од 120 километри од површината на Месечината, објави Корејскиот аеронаутички истражувачки институт.

Фотографиите и видеата ќе се користат за избор на локации за можна мисија на Месечината во 2032 година, се вели во соопштението. „Данури“ ја обиколува Месечината за два часа.

Следниот месец сондата ќе започне со научна мисија за време на која ќе ја мапира и анализира површината на Месечината и ќе врши мерења на магнетната сила и гама зрачењето. Тие ќе го тестираат и експерименталниот „вселенски интернет“ со испраќање фотографии и видеа на Земјата.

Освен што ќе испрати вселенско летало на Месечината во 2032 година, Јужна Кореја планира да испрати вселенско летало на Марс до 2045 година.