Објавената фотографија за телето што е спасено во Македонија е – од Калифорнија
Tелето од фотографијата што ја испрати директорот на Центарот за управување со кризи Мухамед Али е од Калифорнија. Откако дел од новинарите му укажаа дека испратил фотографија која не е од Македонија, туку е од пожар во Калифорнија што се случил во 2020 година, директорот Али се извини. Според него, случката е вистинита иако фотографијата е погрешна.
„ Се извинувам за настанатата забуна, сликата е само илустрација на текстот, кој е вистинска случка“, рече директорот Али.
Според неговата изјава, вчера додека бил на лице место на големиот пожар над селото Палиград, на планината Китка, покрај тешката борба со пожарот имале и една несекојдневна и убава случка.
„Во метежот и огнот, пожарникарите од Противпожарната бригада на Град Скопје успеаја да спасат едно мало теле кое останало на опожарениот терен. Мало, исплашено, но живо – една мала победа во тешкиот ден. Во вакви моменти, секој спасен живот е важен, а меѓу огнот и пепелта, успеавме да спасиме и едно мало суштество. За жал, пожарите не ја загрозуваат само природата, имотот и животите на луѓето. Загрозени се и животните, кои често остануваат беспомошни пред огнената стихија. Затоа, апелирам на максимална одговорност и внимателност. Пожарите, без разлика дали се подметнати или избувнуваат поради невнимание, оставаат последици врз сите живи суштества. Да ја чуваме природата, да ги заштитиме луѓето, имотот и животните“,– изјави утрово Али.