Објавена третата стрип – книга за Итар Пејо
Диме Илиев-Димано е знаменит стрип автор, еден од добитниците на Признанието „Љупчо Филипов“, што се доделува на заслужни лица за развој и афирмација на македонскиот стрип. Тој црта уште од 1971 година, а ги користи и „реалистичкиот” и „карикатуралниот “ стил на цртање.
Според информацијата од Томе Трајков, СЦМ-Велес преку овој проект стрипот уште еднаш се афирмира како погодно средство за ширење на историските и културолошки особености на определен етникум.
– СЦМ Велес и во иднина ќе подготвува стрипови кои ќе се бават со етничкото и културно потекло на етникумите што живеат на територијата на државата, на нивен јазик и превод на македонски јазик. Преку овој проект стрипот уште еднаш се афирмира како погодно средство за ширење на историските и културолошки особености на определен етникум, најави Трајков.
Од Стрип центарот од Велес изразуваат благодарност до Министерството за култура кое го зголемува бројот на финансирани стрип проекти, а во моментов актуелна е издавачката дејност.
Од СЦМ-Велес годинава се издадени стрип книгите: „Хавана САД“ од Гани Јакупи од Косово, „Реквијем“ од авторите Марко Стојановиќ, Марко Николиќ и Дејан Ненадов (Србија) и „1990 -1999 Визуелна хроника на македонскиот стрип“ од Александар Стеванов, од Штип.