Објавена нова голема прогноза за зимата: Метеоролозите открија колку снег ќе падне во Европа
Објавени се нови прогнози за врнежи од снег за оваа зима, кои ќе бидат под влијание на периодичното заладување на температурите на површината на океаните, попознати како Ла Ниња. Обично, овие промени се случуваат во период од една до три години, пренесува Severe Weather.
Споредено со прогнозата што ја објавија минатиот месец, новите податоци покажуваат зголемување на снежните врнежи во делови од САД, јужна Канада и Европа. Прогнозата е формирана со помош на проекциите на Европскиот центар за среднорочни и долгорочни прогнози (ECMWF) и сличен британски модел (UKMO).
Поради оддалеченоста, Ла Ниња нема директно влијание на Европа, туку на Северна Америка. Поради него се очекуваат пониски температури и зимско невреме од поларните предели кои ќе допрат до северните и северозападните делови на САД. Потопло и посува зимско време се очекува во јужниот дел.
Источна Канада, исто така, во моментов покажува поголеми шанси за снежни врнежи. Прогнозата на ECMWF покажува аномалии со кои предвидува повеќе или помалку врнежи од нормалното. Кога станува збор за Европа, тие предвидуваат потпросечно количество снег за поголемиот дел од континентот. Сепак, важно е да се напомене дека новата прогноза покажува повеќе снежни врнежи од претходната, над Централна и Западна Европа.
Се издвојува и Скандинавија, каде што може да има зголемени снежни врнежи поради системот со низок притисок и млазниот поток. Последната прогноза за декември предвидува помали врнежи од просекот на поголемиот дел од континентот, иста ситуација би требало да биде и во јануари. Прогнозираат снег во февруари, но повторно под просекот. Помали врнежи од снег се предвидуваат и за март, освен во некои централни и јужни делови кои покажуваат можност за ранопролетни врнежи.
Слична е прогнозата на УКМО, со најава за послаба снежна сезона. Тие предвидуваат дека поголемиот дел од континентот ќе има помалку врнежи од вообичаено, освен некои северни делови. Декември е во дефицит, а јануари нема да донесе поголеми промени во однос на претходниот месец.
Во февруари, некои области треба да имаат нормални врнежи, дури и потенцијално над нормалата, особено во западните Алпи. Прогнозата за март покажува послаби врнежи во рана пролет, освен во северните предели, заклучува SWE.