Објавена книгата „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик“ од Зекир Рамчиловиќ
Во издание на „Диван“, а со поддршка на Министерството за култура и Иранската амбасада излезе од печат книгата „Зборови со персиско потекло во македонскиот јазик“ од доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ.
– За време на специјализацијата по Османистика во Софија, видов дека влијанијата помеѓу јазиците во големата Османлиска империја биле и повеќе од интензивни. Особено ми оставија впечаток големиот број зборови кои во јавноста се сметаат за зборови од турско, но всушност се зборови со персиско или арапско потекло што беше и причината да го почнам истражувањето, вели авторот Рамчиловиќ.
Ова е прва книга кај нас која ги проучува и ги диференцира персиските зборови од останатите со ориентално потекло. Зборовите во речникот се поделени во три групи: зборови со персиско потекло, зборови со дискутабилно потекло и лични имиња со персиско потекло во Република Северна Македонија. Во оваа книга во првиот дел дефинирани се 343 различни видови основни зборови со персиско потекло и 415 од нив изведени зборови. Во вториот дел како дискутабилни со веројатно персиско потекло има 134 зборови и 109 од нив изведени зборови. На крајот дадени се и 140 лични имиња, односно во книгата вкупно се дадени 1141 зборови. Голем белег на книгата и даваат 1319 пословици, умотворби, изреки, гатанки, извадоци од стари македонски народни приказни и песни, како примери во кои се користи дадениот збор.
– Селектираниот материјал во Речникот е јазично јасен, текстуално прегледен, интерпункциски точен и придонесува за продолжување на започнатиот процес на анализата на присуството на персискиот во македонскиот и балканските словенски јазици, чии што објаснувања имаат немерливо значење за севкупната наша наука и културологија. Станува збор за научен потфат чие што објавување македонската научна јавност, лексиколозите и ономастичарите го очекуваат со нетрпение, стои во дел од рецензијата на проф. д-р Реџеп Шкријељ.
Во понатамошниот период планирана е и промоција на книгата. Делото ќе биде достапно за продажба во книжарниците во Скопје и дистрибуирано до библиотеките со цел поголема достапност до научната и пошироката јавност.