Објавен протоколот за превентивни мерки за сите работни места


Фото: Б. Грданоски

Универзалните мерки за спречување на пренесувањето на Ковид-19 што важат за сите работни места и за сите лица на работни места, односно за работодавачите, раководителите, работниците, договарачите, клиентите и посетителите, ги вклучуваат следниве мерки:

Хигиена на рацете

• Редовно и темелно миење на рацете со сапун и вода или дезинфекција на рацете со средство за дезинфекција на база на алкохол пред отпочнување со работа, пред јадење, често пати за време на работната смена, особено по контакт со колеги или клиенти, по одење во тоалет, по контакт со секрети, екскрети и телесни течности, по контакт со потенцијално загадени предмети (ракавици, облека, маски, користени хартиени марамчиња, отпад), и веднаш по отстранување на ракавиците и друга заштитна опрема, а пред допирање на очите, носот или устата.

• Треба да се постават станици за хигиена на рацете, како што се станици за миење на раце и диспанзери за дезинфекција на раце на истакнати места во работната средина и до нив треба да имаат пристап сите вработени, договарачи, клиенти или купувачи и посетители, заедно со информативни материјали за промовирање на хигиена на рацете.

Респираторна хигиена
• Промовирајте респираторна хигиена од страна на сите луѓе на работното место. Осигурете дека на работното место има на располагање доволно заштитни маски за лице и хартиени марамчиња за оние вработени на кои им тече носот или кашлаат на работа, како и канти за отпадоци со капаци за хигиенско одлагање на отпадот.

• На видно место истакнете промотивен материјал за носење заштитна маска на лицето како и упатство за нивна правилна употреба. Известете ги работниците доколку некој е болен дека не треба да доаѓа на работа. Ако некој член на персоналот или работник не се чувствува добро додека е на работа, обезбедете медицинска маска за да може безбедно да се врати дома.

Физичко дистанцирање
• Воведете мерки за одржување на растојание од најмалку 1 метар помеѓу луѓето и избегнување на директен физички контакт со други лица (на пр. прегрнување, допирање, ракување), строга контрола врз надворешниот пристап на странки и контакти во насока на одржување на ред физичка дистанца (обележување ознаки на подот, прегради и сл.).

• Намалете ја густината на луѓето во зградата, односно физичкото растојание од најмалку 1 метар помеѓу работните позиции и во заедничкиот простор, како влезови / излези, лифтови, остави / кантини, скали, каде што може да дојде до собирање или редици на вработени или посетители / клиенти.

• Намалете ја потребата за физички состаноци, односно да се користи опрема за телеконференции.

• Избегнувајте групирања со воведување на флексибилно работно време за вработените за да се намали собирањето на вработените во заедничките простори, како што се влезови или излези.

• Организирајте или зголемете ја работата во смени или поделете ги тимовите, или пак, организирајте работа од далечина доколку е возможно, согласно работниот процес.

• Одложете или откажете ги настаните на работното место што вклучуваат близок и продолжен контакт меѓу учесниците, вклучително и социјални собири.

Намалување и организирање на патувања поврзани со работата

• Откажете или одложете ги патувањата во региони каде има трансмисија и зголемен број на лица со КОВИД-19 во заедницата, а кои не се неопходни, обезбедете дезифициенси за раце за работниците кои мора да патуваат, советувајте ги работниците да се придржуваат на инструкциите во местата каде што патуваат, и дадете им информации со кого да контактираат ако не се чувствуваат добро за време на патувањето.

• Работниците кои се враќаат од области каде што постои трансмисија на Ковид-19 треба самите да ја следат својата здравствена состојба и можна појава на симптоми во тек на 14 дена и да ја мерат телесната температура два пати на ден, ако не се чувствуваат добро, треба да останат дома, да се самоизолираат и веднаш да стапат во контакт со својот матичен лекар и епидемиолог.

Редовно чистење и дезинфекција на работната средина

• Редовно чистење со користење на сапун или неутрален детергент со вода, како и механичко чистење (четкање, стружење) со цел отстранување на нечистотиите, остатоците и другите материјали од површините. По завршувањето на процесот на чистење, се врши дезинфекција за да се деактивираат (т.е. убијат) патогените и другите микроорганизми на површините.

• Површините што често се допираат треба да се утврдат како приоритет за дезинфекција (делови што често се користат, рачки на врати и прозорци, прекинувачи за светла, кујната и површини каде се подготвува храна, површини во бањи, тоалети и славини, екрани на допир на лични уреди, тастатури на персонални компјутери и работни површини).

• Растворите за дезинфекција секогаш мора да се подготвуваат и користат според упатствата на производителот, вклучително и упатствата за заштита на безбедноста и здравјето на работниците кои вршат дезинфекција, со употреба на лична заштитна опрема и избегнување на мешање на различни хемиски средства за дезинфекција.

• За работните места на затворено, генерално не се препорачува рутинска примена на средства за дезинфекција на површините во средината со распрскување или замаглување, бидејќи е неефикасна во отстранување на загадувачи надвор од директните зони на прскање и може да предизвика иритација на очите, респираторните органи и кожата и други токсични ефекти.

• За работните места на отворено, во моментов нема доволно докази за поддршка на препораките за прскање или фумигација од голем обем.

• Прскање на лица со средства за дезинфекција (како на пр. во тунел, затворен простор или комора) не се препорачува во никакви околности.

Комуникација, обука и едукација за ризици

• Обезбедете промотивни материјали: постери, видеа и електронски табли за прикажување на пораки за зголемување на свеста за Ковид-19 кај работниците и промовирање на безбедни индивидуални пракси на работното место.

• Редовно информирајте ја епидемиолошката служба од регионалниот Центар за јавно здравје при појава на ризикот од Ковид-19.

Управување со лица со Ковид-19 или нивни контакти

• Работниците кои не се чувствуваат добро или кај кои се појавуваат симптоми што одговараат на КОВИД-19, треба да останат дома, да се самоизолираат и да контактираат со медицинско лице или со локалната линија за информации за Ковид-19 за совети.

• Сите работници сами да го следат своето здравје и редовно да ја мерат телесната температура.

• Мерењето на температурата на работното место треба да се разгледа како опција само во контекст на комбинација на мерки за превенција и контрола на Ковид-19 на работното место и заедно со комуникација за ризикот.

• Треба да се почитуваат стандардни оперативни процедури за управување со лице кое ќе се разболи на работното место, а постојат сомневања дека има Ковид-19, вклучително и сместување на лицето во просторија за изолација, ограничување на бројот на лица кои имаат контакт со него, употреба на лична заштитна опрема и последователно чистење и дезинфекција.

• Задолжително е да се контактира со регионалниот епидемиолог и да се води евиденција за присуство на состаноци за да се олесни следењето на контактите.

• Луѓето кои биле во близок контакт на работното место со лице со лабораториски потврден Ковид-19 по направената проценка од страна на локалниот епидемиолог треба да бидат ставени во домашна изолација, во период од 14 дена од последниот контакт со тоа лице.