Објавен е нов повик за ископ на јаглен, кој ќе копа наместо „Маркоски компани“?
Во петокот веќе е објавен отворен повик за јавна набавка со скратени рокови од 20 дена, а кој ќе копа јаглен наместо „Маркоски компани “ ќе покаже времето, односно кога ќе заврши целата постапка, информира денеска генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев.
Нагласи дека „Маркоски компани“ засега се уште нема пратено никаква жалба, ниту, пак, го има обжалено известувањето за раскинувањето на договорот и активирањето на банкарската гаранција од страна на АД ЕСМ.
Прашан дали „Маркоски компани“ може повторно да се јави на огласот рече дека не може бидејќи доби негативна референца.
На прашање зошто компанијата земала кредит од комерцијалните банки наместо да земе од унгарскиот заем, одговори дека кредитот бил наменет за приватните компании и за општините и воопшто не била планирана ЕСМ за оваа кредитна линија.
-За тековно работење и за нормализација на обврските што ги имаме спрема добавувачите во моментов имаме предизвици со кои се бориме секојдневно. Дали ќе побараме дополнителни заеми или не ќе одлучиме во наредниот период. Сега за сега немаме таков план, истакна Узунчев во одговор на прашање по потпишувањето на договор за грант за изградба на фотонапонските електрани во РЕК „Битола“ и „Осломеј“.
Инаку, на почетокот на овој месец РЕК „Битола“ ја откажа соработката на фирмата „Марковски компани“, за еден договор заради неисполнување на работните обврски пропишани во тендерот.