Обидот за провокација од БНТ за македонската делегација причина за протест


Документарниот филм „Само затоа што беа Бугари“, кој беше најавен на програмата на Бугарската национална телевизија (БНТ)  во ударен термин вчеравечер, а потоа  симнат од програмската шема и заменет со друг филм, е причина за протест вечерва пред седиштето на телевизијата. Однесувањето на БНТ и на владата се третира како „предавничко“, поради што фејсбук-групата „Борба против македонизмот“ апелира за помасовно присуство.

„Сношти македонски медиуми триумфално известуваа за „првата отстапка од Софија за Скопје”, за тоа дека новата власт во Бугарија го симнала од програмата најавениот документарен филм во кој се прикажани интервјуа и документи за масовното истребување на Бугарите од страна на југословенските власти во Македонија. Очигледно под притисок на новата власт. Ова е уште еден јасен сигнал дека владејачката партија се подготвува да изврши едно од најголемите национални предавства во нашата нова историја – историски компромис со нашите национални интереси во Македонија. По тој повод ги повикуваме сите граѓани патриоти на протест вечерва во 18 часот пред БНТ. Ги повикуваме сите што имаат можност да дојдат за да им покажеме на властите дека ако си дозволат да ги предадат нашите национални интереси ќе бидат збришани од народното незадоволство. За време на протестот пред зградата на БНТ ќе го емитуваме филмот ‘Само затоа што беа Бугари’, кој беше отстранет од програмата на БНТ“, пишува во најавата за протестот.

Станува збор за филм во кој се пренесуваат сведоштва за убиства на Бугари во Македонија кон крајот на Втората светска војна. Документарецот многупати бил прикажуван на бугарската телевизија.

Македонска делегација е во посета на Бугарија. Се смета дека најавата за прикажување на еден ваков филм е обид за саботирање на напорите на владите да ги надминат несогласувањата.