Бараките во „Медицинар“ населени од бездомници


Бараките во кругот на Клиничкиот центар, кои до пред некоја година се користеа за сместување студенти, сега се празни, а во нив преспива ромско семејство, а неретко и бездомници и наркомани. Дарио Николовски, директор на Државниот студентски дом „Скопје“, вели дека е известен за проблемот со бараките од Студентскиот дом „Невена Георгиева-Дуња“ или популарно наречениот „Медицинар“, во кои веќе со години не се сместуваат студенти, а бараките претставуваат опасност за граѓаните што секојдневно поминуваат покрај нив. Во пролет и во лето, тие се обраснати со грмушки, треви и дрвја, а во зима, околу нив е мрачно, па на минувачите и не им е пријатно да поминуваат од таму.

Во една од бараките сместено е ромско семејство. Иако им ги затвораат вратите со синџири и катанци, тие сепак влегуваат внатре, преспиваат, а веројатно користат и вода за готвење и бањање. Напуштените бараки за нив се времено живеалиште каде што се засолнуваат од временските непогоди. Во бараките засолниште наоѓаат и зависници од дрога, кои скриени од очите на јавноста уживаат во опијати.

„Во преговори сме со Министерството за образование за решавање на проблемот. Запознаени сме со состојбата. Сè уште постои планот за изградба на цврст објект во кој повторно би се сместувале студенти, но дотогаш треба да се реши и проблемот со бараките. Сите капитални објекти потпаѓаат под Министерството за образование, па така договараме финансиска рамка за отстранување на бараките, што треба да се случи за време на распустот, летово“, вели Николовски.

За изградба на нов објект на истата локација постојат проблеми во делот на урбанизмот, но и тоа се надеваат дека ќе го надминат.

„Согласно имотниот лист, корисничко право на парцелата каде што се сместени бараките има Државниот студентски дом ‘Скопје’, и согласно тоа, институцијата е надлежна за отстранување на дивовселените лица. ДСД „Скопје“ има право, согласно имотниот лист, да изврши уривање, отстранување на истите“, велат од Министерството за образование.

На местото на „Медицинар“ е планирана изградба на нов студентски дом, но Министерството за образование и наука во моментов не може да почне со изградба додека целосно не се решат имотно-правните односи и не се обезбеди чиста документација. Новиот објект за студентите треба да има современи услови и да биде на површина од 1.200 квадратни метри. Тој беше најавен уште од претходната власт, кон крајот на 2015 година, а изградбата требаше да започне за три месеци, но работите се уште стојат. Тогашните министер и заменик-министер за образование и наука, Абдулаќим Адеми и Спиро Ристовски, на тогашниот премиер Никола Груевски му ги презентираа проектите за изградбата на новиот дом. Новиот студентски дом требаше да биде со капацитет од 350-400 легла за студенти и плус спортска сала, за што, како што тврдеше Груевски, средствата биле веќе обезбедени. Исто така, беше планирано до 15 јануари 2016 година да се објави тендер за градба, по што требаше да почне уривање на бараките, но сведоци сме дека до ден-денеска тоа не се случи.(Б.Б.)