О писменех (за буквите) како лествица меѓу земното и небесното
Беседа за Свети Климент, 7 декември, 18:30, Музеј на националната борба
Венко Андоновски
Најпрвин, да кажам како се чувствувам. Се чувствувам недостојно да бидам на ова место и да говорам на оваа тема. Стручно гледано, јас немам ништо умно да кажам по она што за нашиот светец,просветител и писател, благоутробниот Климент Охридски, го напишаа оние, кои според моето мислење и знаат најмногу за него – Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ.
Затоа, ќе говорам за моето лично искуство со Климента. Првпат се сретнав со Климента кога имав четири и пол години, кога Климент дојде во малата двособна барака во Влае, во која на челниот ѕид во дневната соба, стоеше нашата семејна библиотека. Таа за мене бешемитско и мистично место: не знаев за што воопшто им служат книгите на луѓето, но добро знаев дека возрасните ги отвораат, а потоа со очите поминуваат лево-десно по редовите букви, што мене ми личеа на колони црни мрави. Но јас не бев грамотен, не знаев да читам. Сепак, чувствував дека тие предмети се многу повеќе од предмети, зашто луѓето по читањето веќе не беа истите. Стануваа некако поблаги во однесувањето, посмирени, некогаш дури и меланхолични. Кога ќе го прашав татко ми кога ќе ме научи да читам, тој велеше – „Сам ќе се научиш кога ќе дојде времето, верувај ми, зашто времето уште не е стигнато“. А кога ќе го прашав што е тоа читање, тој секогаш одговараше (а јас смислата на таа реченица ја сфатив многу години подоцна): при читањето добиваш разни мудри и поучни мисли, ама читањето не е она што си го прочитал, туку е она што ти потоа правиш и како се однесуваш, откако ќе ја затвориш книгата. Од тоа тогаш само сфатив дека книгите кажуваат како да се однесуваш.
Како што реков, Свети Климент дојде кај мене во Влае еден ден, сосема неочекувано. Не беше видлив, се разбира, туку се јави низ еден необичен настан, на работ од библиско чудо. Јас секој ден се играв пред библиотеката, ги отворав сите книги и ги вадев од полиците, а најмногу ги сакав оние кои имаа сликизашто само нив ги разбирав.Таква беше една енциклопедија со слонови, лавови и птици.И, тогаш се јави Климент: одеднаш, од полицата падна една чудна тетратка. И неа ја сметав за книга. Таа „книга“, за разлика од другите, не се состоеше од црни мрави, за кои подоцна разбрав дека се викаат печатени букви, туку од „живи букви“, напишани од човечка рака, за кои подоцна дознав дека се викаат ракопис.
Таа тетратка, тоа откритие со розови картонски корици, беше вистинско ковчеже со богатство: кога ја отворив на првата страница, на самиот почеток од текстот, како прва во класот букви, ја видов ракописната буква „Д“. Но таа, бидејќи заоблена, беше нацртана како глава на убава девојка: во празнината на полукругот беше нацртано прекрасно лице, со убави но уплакани очи (имаше солза на едниот образ); густата коса ѝ се свиваше како врат на лебед и продолжуваше во тело на сирена, токму онака како што изгледа и се пишува ракописното „Д“. Многу години подоцна дознав дека таквите први букви, кои претставуваат цртежи, односно слики, се викаат иницијал, и дека ги има по нашите ракописно создавани евангелија. И денес, кога ќе видам ракописна буква „Д“, јас ја гледам како девојка, а во нејзиниот облик препознавам врат на лебед.
Зад таа буква-девојка, следуваа ситни, ракописни букви, кои не ги разбирав, зашто не беа слики. Но, бев убеден дека напишаното на таа страница крие приказна во која главен лик мора да биде таа уплакана девојка. Свртев една страница понатаму, и ја открив буквата „Ш“: таа беше исто така поголема од другите, беше иницијал, а беше нацртана како троглава ламја. На секоја вертикална црта од „Ш“ беше нацртана по една страшна змејова глава. И јас бев веќе целосно убеден дека таа приказна говори како ламјата ја грабнала уплаканата девојка од претходната страница, случка што ми беше позната од сказните кои секоја ноќ ми ги читаа родителите. Третата страница имаше нов иницијал: буквата „К“, нацртана како коњ кој се исправил на задните нозе, и јас бев апсолутно сигурен дека тоа е коњот со кој принцот ќе тргне во поход да ја врати грабнатата уплакана девојка и дека целата тетратка ја раскажува таа приказна. Потоа, ја вратив тетратката на своето место, убеден дека таа води во преубавите светови на сказните, за кои ми беше рано зашто не знаев да читам.По некое време, заборавив целосно на чудната „книга“.
Дента кога го завршив првото одделение, описменет веќе, барајќи го букварот, имав повторна средба со чудното лепословие испишано со нечиј ракопис. Со треперливи раце ја отворив одново пронајдената тетратка, сакајќи да ја прочитам приказната за грабнатата девојка. Доживеав вистинско разочарување, што само докажува дека е точно она на Матеј – „блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!“ Или, нашето световно: колку човек повеќе знае, толку повеќе страда. Во тетратката, на страницата со буквата-девојка, односно со иницијалот „Д“, пишуваше: „Доматите треба добро да се измијат, исечкаат на парчиња пред да се измелат со печените пиперки…“. На страницата на која мојата фантазија во буквата „Ш“ виде ламја која ја грабнува девојката, пишуваше: „Шеќерот прво се меле, а потоа се вари…“. А страницата со волшебниот летачки коњ кој требаше да ја спаси девојката почнуваше вака: „Компирите се варат, а дури потоа се лупат додека не се целосно остинати“. Тоа беше личниот готвач на мојата баба, Слободанка, една од првите писмени жени од Штип, која си ги запишувала своите рецепти, но имала смисла и за ликовна уметност, па секогаш првите букви, по углед на Евангелијата (зашто била и верничка), ги претворала во – иницијали!
Убеден сум дека тоа мое прво сознание за тоа што значат буквите е интервенција на невидливиот Свети Климент во малата барака во Влае, токму како што стои во еден негов книжевен состав посветен на Кирил и Методиј: „И откако го преведоа двојно Законот божји, му го предадоа на новиот народ, создавајќи му букви. Тоа што беше се сокрило од премудрите и од разумните, им се откри на децата во последниот век со нивна помош.“ Зашто за мене, како дете, „новите букви’ навистина настанаа во тој момент. И ми се открија, како на „дете во последниов век“.
Така, Свети Климент ме научи дека буквите можат да се користат и за најубави фантазии како што се сказните и волшебните чуда од Светото писмо, но и за земни работи.Со исти букви е напишана и Библијата и еден популарен готвач. А тоа значи дека буквите се врска меѓу земните и небесните работи.Низ животот тоа ми се потврди: научив дека буквите можат да служат и за молитва и за пцост, дека можат да создадат или лепи или грди слова, дека луѓето со нив можат да влезат во разговор со небесниот отец, но и во кавга со некој свој ближен собрат, на земјата.
Станувајќи писател, се определив на буквите да им ја дадам првата, Климентова улога: моите Слова да гледаат кон небесното, дури и кога раскажувам сосема обични, земни приказни. Тогаш уште не знаев дека Свети Климент, говорејќи за неговиот благоутробен учител Методија го има запишано токму она што мене ми се случи преку рецептите на баба Слоботка – да помислам дека можам да пишувам не само за минливи, туку и за вечни нешта: „откако го сфати овој многуметежен свет, дека како сенка поминува бесполезно, и бидејќи словото Господово го прими како во своето срце стрела, тојрече: Каква полза има човек и целиот свет да го добие, а душата своја да ја испразни или да ја погуби? Што ќе добие човек во замена за својата душа? И, откако го смени земното за небеско, и отфрлувајќи го од себе со презир временото, тргна во вечното“.
Така, јас прогледав. Атогаш не знаев дека нашиот светител и просветител, Свети Климент, за тоа прогледување наречено описменување, кое не е само да научиш да читаш и пишуваш, туку да станеш свесен дека освен земните, постојат и небесни работи, веќе има запишано:
„А тоа стана и во овој наш век, оти тие (грамотните – пророците, апостолите, мачениците) рекоа: слепите ќе прогледаат, глувите ќе го чујат зборот на книгата и сите ќе проговорат на различни јазици за божјото величие.“Јас, од тогаш до денес верувам дека БУКВИТЕ, ПИСМЕНАТА, СЛОВАТА се оној столб што ја држи сета зграда вселенска, оној столб по кој човек може да се искачи до себеси и до Бога во себеси, онаа лествица на Јован Лествичник по која треба да се оди угоре, за да станеме „Небесни луѓе, а земни ангели“, кои стекнуваат „бестелесен, и со тоа вечен живот уште во телото“.
Да вселиш нови букви во стар јазик, како што вели Климент, тоа значи стариот јазик на еден народ да воскресне, наместо да биде заборавен. Тоа воскресение на јазикот го стори Св. Климент, а за тоа најразложно пишува еден негов далечен ученик, великиот Блаже Конески. Тој чувствува на какви пеколни маки бил ученикот на Кирил и Методиј, зашто му припаѓал на племе презрено, и на народ и јазик заборавени од тогаш „империјалните“ три јазици – латинскиот, грчкиот и хебрејскиот, на кои, според елитистичките убедувања на тријазичницитебило единствено достојно да се изведува богослужение. Конески за Климента и за неговите 3500 ученици, излезени од првиот словенски универзитет,вели: „На чисто субјективниот, психолошки план, остануваше да ги следи тие луѓе дадената сенка на презирот, дека се тие заправо ништо друго, ами припадници на варварско племе, што посегаат по работи недостижни за нив… Таа (генерација) го издржа тоа искушение не само за себе, ами за сите други поколенија што требаше да се родат и да го дадат придонесот на словенските народи кон светската култура“. Да, Климент е тој кој и денес, преку македонските писатели, артисти, режисери, есеисти, филозофи, филолози, сите оние кои го користат македонскиот јазик за своите дела, дава придонес кон светската култура.Така и Блаже Конески и неговите потомци се само потомци на оној Климент, кој за древниот јазик, оживеан и воскреснат преку новите букви, извика: „Блажен го наречуваме твојот многугласен јазик од кој му огреа на мојот народ светлината на триж вечниот Бог“.
Климент е првиот наш писател, кој како родоначалник на Охридската книжевна школа, изврши тестирање на древниот јазик на македонските Словени, во книжевни дела: ја испроба можноста тој јазик да станекнижевен јазик.Го испроба, кажано со музички речник – неговиот опсег, низ колку октави се протега, како што ние, современите писатели и денес ги тестираме и прошируваме можностите на современиот македонски јазик. Ние, писателите од дваесеттиот и дваесет и првиот век видовме дека македонскиот јазик е способен рамо до рамо да се носи со светски и книжевно најразвиените јазици на теренот на метафората, на теренот на прозата, на теренот на драмата. Но првите тестирања на книжевните капацитети на тој јазик ги направи токму Климент Охридски. Конески вели: „На оние што го напаѓаа словенскиот јазик тој им одговори пред сè со тоа што на словенски напиша работи какви што тие самите не беа кадри да напишат на грчки или латински јазик. Славата на Климент како на најдаровит писател од стариот период на словенската писменост од никого не се оспорува. Тој пишува на еден јазик не скован во примитивен одраз, ами богат, разнообразен и сугестивен во своите стилски текови (а сепак) се работи за јазик што тукушто ја беше доживеал својата прва писмена обработка“.
Денешните филозофи велат дека човек не се раѓа во акушерската клиника, туку во својот јазик: вистински човек е роден кога ќе проговори и пропише на својот јазик. Тоа му се случило на Климента и другите тогаш описменети луѓе: тие се првородени во тој јазик осеменет со букви.Зашто јазикот се раѓа, расте и опстанува само кога има своја писмена форма, кога останува запишан – инаку ќе изумре. Така, буквите на глаголицата од Кирила, и буквите на кирилицата, за кои на разни начини се врзува и името на Климент – беа родното место на денешниов наш македонски јазик. Ако се споредува со музички инструмент, тој древен јазик на македонските Словени, од разговорен и без букви, налик на кавал свирен од човечки здив, денес е тестиран и престорен во раскошна харфа способна за сите можни естетски предизвици и за запишување на сите нејзини ноти. Тоа немаше да биде можно ако не беше Климент, кој прв ја откри музикалноста на тој јазик и неговата метафоричност. Зар овој тонски напев не ве потсетува на она што го стори Петре Андреевски во „Дениција“:
Лазар беше дом на Пресветиот дух
Лазар чудесна билка од божјата градина,
Лазар, медоносна капка од божјата премудрост,
Лазар, источник на духовна благодат,
Лазар неувенлив цвет од рајската градина…
Единаесет векови подоцна, Андреевски на таа харфа која почна да ја создава Климент, ќе го испее истиот напев како и оној на Климент за Лазара:
Оти дошто видов кула и пладневна топола
беа како твојата става, Дениција.
Дошто сретнав омарнина и жито во движење
беа како твојата коса, Дениција.
Дошто открив сончоглед и светла пушкарница
Беа како твоите очи, Дениција.
Дошто сретнав залез, дошто пресеков лубеница
Беа како твојата уста, Дениција.
Мислам дека тука треба да ја привршам оваа моја беседа: нема потреба да коментирам нешто што увото го слуша – Андреевски е далечна рима на Климент Охридски, единаесет векови подоцна. И сите ние денес се римуваме и се довикуваме како камбани низ 11 векови со Климента. Или, како што вели Конески: „Климент Охридски спаѓа во редот на оние малубројни фигури, околу кои се случува самата кристализација на нашата национална свест. Па и меѓу тие малкумина тој сигурно зазема предно место. Тоа го чувсвтвуваат Климентовите потомци, поставени уште еднаш, заедно со него, да бараат признание за својата самостојна културна акција и за својата независност.“
За крајот, да се вратам на почетокот, зашто вечно е само она чиј крај е нов почеток, а Климент е вечен, зашто постојано почнува во секој од нас, како и времето.Убеден сум дека Климент е и во рецептите на баба ми, иако тие не говорат за небесните, туку за земните полезни нешта. Не се сите земни слова неполезни. Така и Климент:садел и калемел овошки, бил земјоделец, што значи бил и човек. И денес во Охрид ќе чуете дека има Климентови цреши. За тоа сведочи Јордан Хаџи Константинов Џинот: „В Охрид всекаковемиш има, и товаовоштие е насадено отруците на свајатагоНаума, Климента и Геразма. МногодревесасјаназиватНаумови круши, Климентовичреши, Геразмови лози…“Тоа значи дека се занимавал и со земни и практични, покрај со небесните работи насликани во неговите книжевни сочиненија.
Го кажувам ова за да потврдам: буквите се навистина врска меѓу земното и небесното. Писател не е само оној што создава слова за небесните нешта, туку секој добар човек што создава полезно и добро земно слово или полезно и добро дело. Буквите не се привилегија само на писмените луѓе. И пред да дојдат буквите, и со векови потоа, и најобичните, дури и неграмотните, но добри и вредни луѓе создавале букви. Кој видел како од воздух изгледаат нашите полиња, знае дека и земјоделците, кога ораат и сеат, пишуваат книга за небото: секоја изорана бразда е нов ред од книгата што ја пишува оној што живее на земјата, човекот. Секоја фрлена семка, секоја засадена Климентова овошка е буква во тој ред. Тоа се нашите земни слова, сочинети или од мастило или од мотика, а чија човечка смисла најдобро се открива кога се гледа од небесата.
Нека ни е вековит Свети Климент, кој од таму нè чита и се радува на буквите негови, сега наши. И њиње и присно и во вјекивјеков, амин.