Нуриел Рубини: Вештачката интелигенција ќе ја ослободи продуктивноста на начин што не сме го виделе


Напредокот во вештачката интелигенција (ВИ) ќе го отклучи долгорочно чудото на продуктивноста, вели Нуриел Рубини, професор и економист, познат по честите мрачни прогнози поради што го има прекарот „Д-р Пропаст“.

„Многу се зборува за технолошките иновации, вештачката интелигенција, машинското учење, роботиката, автоматизацијата, податоци во облак и квантното пресметување, и што уште не. Но ние не го гледаме тоа во податоците за агрегатната продуктивност. Растот на продуктивноста во САД беше едвај 1 отсто, малку пониско. Дали за 10 години ќе видиме значително зголемување на продуктивноста? Јас сум голем оптимист. Јас сум оптимист за продуктивноста и сум оптимист за технологијата“, изјави Рубини за Yahoo Finance Live.

Само оваа недела имаше два примери за потенцијалот на генеративната вештачка интелигенција врз економското производство.

Прво, новата студија на „Мекинси“ (McKinsey) идентификуваше 63 генеративни случаи на употреба на вештачка интелигенција кои опфаќаат 16 деловни функции кои би можеле да ослободат од 2,6 билиони до 4,4 билиони долари економски придобивки годишно.

Истата студија покажа дека генеративната вештачка интелигенција може да ја изврши секоја од повеќе од 2.100 детални работни активности како што е комуникацијата со други за оперативните планови.

„Генеративната вештачка интелигенција има потенцијал да ја промени анатомијата на работата, зголемувајќи ги способностите на поединечните работници преку автоматизирање на некои од нивните индивидуални активности. Тековната генеративна вештачка интелигенција и другите технологии имаат потенцијал да ги автоматизираат работните активности кои апсорбираат 60 до 70 проценти од времето на вработените денес“, забележаа истражувачите на „Мекинси“.

Во меѓувреме, софтверскиот гигант „Сеалсфорс“ (Salesforce) ги презеде своите нови ГПТ производи за претпријатија дизајнирани да ја зголемат продуктивноста на работниците.

Компанијата го претстави „AI Cloud“ на денот на инвеститорите во Њујорк. „Сеалсфорс“ соопшти дека нивниот производ „AI Cloud“ ќе им овозможи на маркетерите автоматски да генерираат персонализирана содржина за клиентите и програмерите да генерираат автоматски код, меѓу другите случаи на употреба.

Вработените во „Сеалсфорс“ исто така ги покажаа функциите на ВИ во платформата за соработка на работното место Slack. Поголемиот дел од новиот пакет со вештачка интелигенција на „Сеалсфорс“ ќе започне да се воведува во наредните месеци.

„Видовме многу возбудливи бранови на технологија во нашата индустрија – облак, социјални (мрежи), мобилни (телефони) – но овој бран со вештачка интелигенција ќе биде најголемиот што некој некогаш го видел“, изјави ко-основачот, претседател и извршен директор на „Сеалсфорс“ , Марк Бениоф за Yahoo Finance Live.

И покрај ветувачкото позитивно влијание на ВИ врз економијата, Рубини и другите експерти предупредуваат за недостатоците.

„Мислам дека има значајни заостанувања [на влијанието на вештачката интелигенција]. И идејата дека ќе има зголемување на економскиот раст во следните две или три години поради вештачката интелигенција и технологијата, за мене се чини дека е некако претерано“, рече Рубини. „На среден долг рок, технологијата ќе биде дефлациска. Можеби ќе се соочиме со деценија на стагфлација пред да ја видиме силната светлина на технологијата и вештачката интелигенција што го зголемуваат растот и ја намалуваат инфлацијата“.

Голдман Сакс неодамна процени дека генеративната вештачка интелигенција би можела да изложи на автоматизација еквивалент на 300 милиони работни места на глобално ниво во следната деценија. Тоа е убав начин да се каже дека едно лице може да ја изгуби работата поради робот.

Но, според Рубини, Голдман забележува дека продуктивноста на трудот во САД ќе порасне за 1,5 отсто во период од 10 години по широкото усвојување на генеративната вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција, исто така, на крајот може да го зголеми годишниот глобален бруто домашен производ (БДП) за 7 проценти.