Нуредини: Производителите на пластични ќеси имаат 1,5 година да направат промени


Фото: Б. Грданоски

Производителите на пластични ќеси ќе може да ги произведуваат актуелните биоразградливи ќеси до 1 јуни 2023 година, појадни Насер Нуредини, министер за животна средина, на денешната прес-конференција.

– Година и пол дена ќе има време производителите да ги направат промените на новите законски услови, изјави Нуредини.

Официјално од денес во сите продавници и пазари на потрошувачите ќе им се наплаќа по 15 денари наместо 2 денари како претходно.

– Цената што сакаше да ја зголеми Владата беше 10 денари за кеса, пратениците бараа 20, ставот на крајот излезе 15. Идејата не е да се акумулираат средства, туку да нема пластика во храната и водата. Тоа е поентата на ваквите закони и мерки, рече Нуредини.

Тој додаде дека во неговото министерство не се употребуваат производи од пластика од 2020 и дека наредните денови во Службен весник ќе биде објавен новиот правилник за стандардите за биоразградливост, кој веќе е донесен и во истиот ќе бидат разјаснети сите нејаснотии за произведувачите и граѓаните.

– Ние ќе ве информираме во првиот квартал 2022 колку средства имаме во тој фонд од продажбата на кеси и што ќе направиме со тие средства кои ќе бидат наменети за подобрување на животната средина, најави министерот.

Прашан дали ќе се променат пластичните амбалажи, министерот појасни дека тие веќе се плаќаат преку системот за проширена одговорност на производителите.

Министерот потсети дека согласно Законот за општествена одговорност производителите кои користат амбалажи на годишно ниво плаќаат надоместок. Тој надоместок го собраат колективните собирачи на отпад кои потоа имаат одговорност со тие средства да набавуваат садови за рециклирање и селектирање на отпад.

Клучно е граѓаните што повеќе да селектираат отпад за да се зголеми бројот на поставени контејнери за селекција на отпад, а со тоа да се зголеми и рециклирањето што ќе придонесе за заштита на животната средина.

На новинарско прашање околу цената на кесите за отпад министерот кажа дека во моментов не е донесена одлука за промена на нивната цена. Тој појасни дека во иднина ќе се носат закони кои ќе придонесат за намалување на употребата на пластика.