НСДП: ВМРО-ДПМНЕ продолжува со тактиката „пари, пропаганда и пендрек“


ВМРО-ДПМНЕ продолжува во пракса да ги спроведува трите П: пари, пропаганда и пендрек, реагира политичката партија НСДП со соопштение.

-Откако јавноста го виде вистинското лице на Мицковски преку пендрекот и насилието, сега е сведок на уште едно од трите П – пропагандата. Кандидатурата на Силјановска-Давкова е поднесена и потврдена од ДИК со повеќе од 40 потписи од пратеници, а не со граѓанските потписи. Независната пратеничка и граѓанската кандидатка за претседателка на државата Силјановска-Давкова стана жртва на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ, стана жртва на исплашената од пораз и тотално неорганизирана опозициска партија, се вели во соопштението на НСДП.

Според оваа партија, првпат во историјата на независна Македонија иако се собрани граѓански потписи, се поднесува кандидатура со потписи од пратеници.

-Пукна балонот и вештачки креираните и лажни анкети со кои го храбрат нивното членство, дека ВМРО-ДПМНЕ има предност од 2,5 наспроти 1 или кога се под лажна еуфорија и нереални импресии од 3:1. Анкетите може да се нарачаат и да се платат со пари или со компензации, ама граѓанската поддршка се гледа преку реалните потписи во подрачните единици на Министерството за правда, а за тие потпишаните на нотар ќе истражуваат надлежните органи.

На првата граѓанска анкета ВМРО-ДПМНЕ се заплетка во својата неорганизираност и исплашеност од казната на граѓаните. Ги понижија граѓаните и чесните членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои организирано, а реално неорганизирано, ги носеа со џипови и со автобуси да се потпишат за независната и граѓанска кандидатка за претседателка, која стана зависна од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ падна на првиот испит пред овие избори, тоа е сигнал дека се уплашени од казната на граѓаните и извесниот изборен пораз. Јасно е дека Стево Пендаровски со општа граѓанска поддршка ќе биде по вторпат избран за претседател на државата.

Но, добро е што јавноста преку можните манипулации со потписите уште еднаш го виде вистинското лице на Мицковски и одредени поединци од раководството, дека не се реформирани, дека се служат со стари трикови и манипулации, за да имаат изговор пред своите за изборниот пораз кој ги очекува, велат од оваа партија.