Новогодишно обраќање на Мицкоски: 2025 ќе биде година на развој и оптимизам


 

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во новогодишно обраќање порача дека 2025 ќе биде „година на развој, раст и подобар живот за сите“, како „година на надеж, оптимизам, успеси и многу работа“. Тој во пораката посочува дека за некого работите можеби не оделе со посакуваната брзина, но како што вели, „нема покус пат, туку има само исправен пат и соодветни чекори“. Исто така, ги нагласи и проблемите кои ги наследиле како влада, „држава која тонеше во криминал и нефункционалност“, како и дека „турбуленциите и економско-социјалните и институционалните предизвици однесоа многу време и енергија“.

„Можеби работите за некого не одеа со посакуваната брзина, но ве уверувам дека ова е единствениот пат и дека се е работа на добро осмислен план, според кој свесни за вашите очекувања ќе ги реализираме ветувањата и ќе го направиме тоа што го очекувате од нас, тоа за кое не одбравте“, вели Мицкоски, додавајќи дека „чекор по чекор се изодува патот од илјада милји“, уверувајќи дека ова што го прави Владата е токму такво чекорење по патот до заедничката цел.

Тој вели дека во изминатите шест месеци биле направени низа на чекори кои требаше да ја стабилизираат економијата, и кои доведоа до посакуваниот раст од 3 проценти кој претходно дури и во проекциите за Светската банка беше недостижен.

„Следната година планираме уште поголем раст, очекуваме сериозен исчекор во овој дел и нови убави вести, ефекти кои ќе ги почувствуваат сите граѓани“, вели Мицкоски.

Тој потсетува на зголемувањето на пензиите, линеарно за две и половина илјади денари, како и дека од март следната година следува ново покачување од две и половина илјади денари, потоа на постигнатиот договор за зголемување на платите во образованието за вкупно 46 отсто во следните 4 години, на растот на платите во здравството за 10 проценти, кои во следните четири години ќе пораснат за 40 до 50 отсто, како и на заложбите за вработување 300 млади доктори и специјализанти. Исто така, ги потенцира и капиталните проекти за општините од 250 милиони евра, 250 милиони евра кредити за развој на стопанството.

„Имаме уште многу работа. Со уште поголемо темпо и уште поодлучна акција. 2025 ќе биде година на развој, раст и подобар живот за сите“, нагласува Мицкоски.

Тој вели дека во наредната година ќе бидат фокусирани на повеќе области но три ќе бидат приоритет: Економски и социјален раст и развој и повисок стандард. Повеќе пари за сите; создавање на ред и систем, јакнење на институциите и борба против корупција, решавајќи ги притоа во од заостанатите и преостанатите дефекти на корупција во системот на сите нивоа како и нивните поддржувачи и соработници; и интеграција во ЕУ и спроведување на реформи за членство во ЕУ.

„Дури и ако опстојат предизвиците за почеток на преговорите, кои чекор по чекор ќе се трудам да ги надминуваме“, нагласува Мицкоски додавајќи дека на трите теми ќе прават максимум со добро осмислен план и тајминг на активности.

„Ќе растат платите во повеќе области, како и пензиите. Ќе обезбедиме ваучери од 250 евра за електронски уреди за сите студенти како и евтини кредити за млади до 30 илјади евра. Ќе има проекти и мерки за сите граѓани, Македонци, Албанците, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. Ќе работиме за сите посветено и одговорно, за ваш подобар и поквалитетен живот“, вели Мицкоски додавајчи дека „2025 година ќе биде година на надеж, оптимизам, успеси и многу работа“. 

Тој во пораката се осврна и на изборната 2024 година „кога граѓаните избираа каква иднина сакаат и одбраа одлучни и убедени како никогаш до сега, Македонија да биде повторно нивна.

„Таа победа не беше само број, тоа беше јасен мандат од народот за нов пат и нова визија. Ве уверувам ние ја почитуваме и ја чуваме таа доверба и секој ден работиме напорно за да ги исполнуваме ветувањата кои ги дадовме и ние таа заклетва и одговорност не ја забораваме“, вели Мицкоски во новогодишната порака.