Новиот трилер на Кетрин Бигелоу на удар на Пентагон, еве зошто
Министерството за одбрана на САД влезе во јавен конфликт со Нетфликс околу точноста на нивниот нов апокалиптичен трилер „Куќа на динамит“. Претставници на Пентагон тврдат дека клучен дел од заплетот на филмот на режисерката Кетрин Бигелоу создава „лажни претпоставки“ за сигурноста на американскиот антиракетен штит, пишува Deadline.
Спорна точност
Во меморандум објавен на 16 октомври, Пентагон изјави дека прикажувањето на неуспехот на војската да спречи нуклеарна ракета што лета кон САД е веродостојно како дел од драма наменета да ја забавува публиката, но дека реалноста „раскажува многу поинаква приказна“. Имено, во филмот се наведува дека ракетите-пресретнувачи имаат само 61% успех во соборувањето на дојдовните боеви глави, што во заплетот води до катастрофа кога пресретнувачите од Алјаска не успеваат да го спречат нападот врз Чикаго.
Бигелоу се врати: „Куќа од динамит“ е најимпресивната премиера на Нетфликс во Венеција
Како контрааргумент, Агенцијата за ракетна одбрана на Министерството за одбрана истакнува дека нејзините системи „покажале 100% точност во тестирањето што трае повеќе од една деценија“.
„Бројките ни кажуваат што се случува и треба да го знаеме тоа“, изјави добро информиран воен службеник за Deadline. „Резултатите се многу, многу добри и програмата треба да расте во текот на следната деценија“, додаде тој, осврнувајќи се на постојните и идните пресретнувачи.
Одговор на режисерот
Од друга страна, сценаристот на филмот, Ноа Опенхајм, рече дека „со почит не се согласува“ со проценката на Пентагон. Тој дипломатски додаде: „Драго ми е што Пентагон го видел филмот или го гледа и обрнува внимание на овие работи, бидејќи токму тоа е разговорот што сакаме да го водиме“.
Режисерката добитничка на Оскар, Кетрин Бигелоу, јасно стави до знаење дека го држи Пентагон на дистанца за да ја зачува независноста на проектот. И таа и Опенхајм потврдија дека House of Dynamite „имале повеќе технички советници кои работеле во Пентагон“, иако признаа дека ниту еден од нив не е од сегашната администрација.
Клучен момент во филмот
Меморандумот на Пентагон не споменува уште еден важен елемент од заплетот: откако првиот обид за пресретнување не успева, високите функционери одлучуваат да не се обидат повторно за да ги зачуваат преостанатите пресретнувачи за можни идни напади.
Всушност, САД моментално имаат околу 44 пресретнувачи распоредени во Форт Грили, Алјаска, и вселенската база Ванденберг, Калифорнија. Се очекува модернизираниот и проширен систем да биде оперативен до 2028 година. Интересно е што САД и осум други земји имаат околу 12.300 нуклеарни оружја во своите арсенали, доволно за да го уништат животот на Земјата неколку пати.
„Чувствувам дека нуклеарното оружје и можноста за негова употреба станаа нормализирани“, рече неодамна Бигелоу. „Не размислуваме за тоа, не зборуваме за тоа. И тоа е незамислива ситуација. Затоа се надевав дека можеби ќе можам да го донесам во преден план во нашите животи.“