Новиот клинички центар ќе има 1.300 болнички легла

Владата ја усвои информација за изградба на Универзитетскиот клинички центар на вчерашната седница, за кој ќе се бара заем од финансиските институции.
„Приоритет е изградба на достапен, квалитетен и долгорочно одржлив систем на здравствена заштита што ќе обезбеди врвни услови за работа на медицинскиот кадар, за негов развој во струката. На овој начин ќе се обезбеди и беспрекорна услуга на граѓаните.
По спроведени анализи, а врз основ на студијата за изводливост на проектот за преместување на Универзитетскиот клинички центар, како и податоците доставени од клиниките, предложен е концепт на интегриран објект кој би можел да се развива на пет нивоа, со потребна квадратура од апроксимативни 102.000 квадратни метри за потребните 1.300 болнички легла, 20 операциони сали, четири ангиогравски сали, осум родилни сали и 65 амбуланти за специјалистичко консултативна дејност“, се наведуваа во соопштението од Владата.