Новиот бугарски суверенитет
Никола Попоски
Потпишувањето на државниот договор од страна на Македонија со Бугарија беше ризичен потег за двете страни. Од една страна, договорот може да придонесе да се подобрат односите меѓу двете земји, што само целосно наивните или неинформираните сметаат дека се или биле добри, а од друга страна, може да придонесе и онака со векови кревките односи, кои најчесто завршувале со крвави војни и илјадници меѓусебни убиства, да завршат уште полошо. Второво е можно бидејќи договорот, по принципот дека ако за нешто не може да се најде согласност тогаш се формира комисија, претендира да отвора прашања за кои, ако имаше можност тие да се решат без тензии, тогаш немаше ниту да бидат отворени со векови.
Имено, преговорите за т.н. отворени историски прашања меѓу двете земји се токму тоа што сега се претвора во нешто што по нагорна линија ги влошува односите меѓу Македонија и Бугарија и што претендира да го фрли во сенка целиот договор. За тоа има сериозна причина. Бугарите станаа вербално агресивни и таа своја агресија од внатрешна, што во рамките на Бугарија ја потиснуваа цел еден век и половина поради погрешните политики, постојаното губење на војните и изборот на историски погрешни сојузници, сега се обидува да ја претвори во надворешна и да ги наметне своите национални фрустрации кон соседите. Поточно, некои од соседите. На што се должи тоа?
Бугарија сега е во врвот на својот јужнобалкански адреналински занес. Првпат во историјата на својата независност, која патем ја доби како резултат на руската воена интервенција на тој дел од Балканот во 19 век, Бугарија собра сили да не направи капитално промашување во изборот на своите стратешки партнери и цели, односно таа конечно успеа да се приклони кон сојузништво со НАТО, а потоа и со ЕУ. Но навиките изгледа не ги менува. Во една прилика, поранешниот германски министер за надворешни работи, Јошка Фишер, се изјасни дека Германија од почетокот на својата современа држава од времето на Бизмарк, па сè до крајот на Втората светска војна, не знаеше правилно да се носи со својата сувереност и постојано правеше многу големи грешки. Конечно, тоа ја турна таа земја на маргините од светската политика по 1945 година, надвор од позицијата да учествува во големите одлуки и да учествува во нивното спроведување, од што до ден-денес не може да се справи. Нејзината дипломатска, воена и стратешка улога во светот е целосно потисната поради погрешното користење на својата сувереност во минатото.
Бугарија сега има сличен проблем. Таа не знае да се носи со својата нова сувереност и улогата што ѝ е дадена со членството во НАТО и ЕУ. Таа смета дека сега е времето да се обиде да ги лекува своите рани и фрустрации од минатото, користејќи го можното право на вето, закани и уцени во наведените организации кон Македонија (идентично со однесувањето на Грција), евентуално надевајќи се дека истото, ако успее, ќе може да го прави и кон Србија, Албанија или Косово во иднина. Мотив за тоа – штитење на својата наводна историја и иднина, според која Бугарија има национални интереси во цела Македонија, во јужна и источна Србија и во источниот дел од Албанија. Секако, од страв не зборува дали таа има интереси и во областа на Егејска Македонија каде што според нивното сфаќање би требало да живеат Бугари. Според неа, Македонците во Македонија се „сталинистичко-коминтерновско-титовска“ измислена нација што треба да се потсети дека, всушност, е некаква западнобугарска нација, но некако не гледаме ниту сила ниту волја тоа да им го каже и на Грците во врска со македонското население што живее во Грција. За тоа си молчат и не бараат ништо од Грците, нели? Во ред. Тоа личи на бугарската позиција од времето пред и по двете светски војни и времето на нивното живеење во советската ера. Биди милослив кон малку посилниот и биди агресивен кон малку послабиот.
Таквата позиција на Бугарија денес е блиску до нејзината неспособност да се носи со својата новопроизлезена суверена моќ што ја доби во рамките на НАТО и особено во рамките на ЕУ. Покажуваат сила и ароганција, заборавајќи дека само во текот на 20 век тоа два-три пати им се удри од глава. Начинот на кој тие сега зборуваат во рамките на оние средби околу историските прашања и особено начинот на кој нивните врвни државни функционери се изјаснуваат за Македонците и Македонија не е само срамен, туку е и ризичен за нив. Само уште повеќе ја продлабочуваат кризата меѓу двата народа и поттикнуваат нетрпеливост. Веројатно тие се свесни што прават и какви последици ќе предизвикаат. Македонците во Македонија на нивните ставови не гледаат со негодување, туку со презир и гадење. Зошто нашите официјални органи и државните функционери молчат за ваквите отворени напади е посебно прашање за друга дебата.
Денес речиси и да нема човек во Македонија што не го виде она срамно и незрело интервју дадено на бугарската телевизија од страна на нивната министерка за надворешни работи. Самобендисано, неинформирано, националистичко, па еве да се изјасниме и со нејзиниот речник – лажливо изјаснување. Таа си кажа отворено: „Како да направиш компромиси со вистината? Разбира се че не“. Но, која е нејзината и нивната вистина? Една е, на пример, дека „Целата им идеа за нација е создадена на основата на отделението с Блгарија“. И за да нема дилеми – за секоја историска трага во Бугарија за спротивното однапред е проскрибирано дека е невалидна со едноставна флоскула: „Тоа е едно од најголемите предателства извршени од блгарската комунистическа партија“. Значи, сè што не им е во прилог е „предателство“ од своите? Сакам да прашам. Дали министерката, всушност, јавно ни соопштува дека признавањето на постоењето на Македонците во Бугарија по Втората светска војна е внатрешно „предателство“, но дека претходното непризнавање од страна на профашистичката кралска и понатамошното непризнавање од страна на живковистичката посткоминформбировистичката власт е светла традиција во нивната Бугарија? Каде замина Бугарија? Се откажува од своите малобројни светли историски страници и се приклонува кон своето помрачно минато? Антифашистот Георги Димитров е предавникот, а царот Борис што ја испраќаше нивната војска да се бори против слободољубивите и антифашистички народи во Европа и Тодор Живков назначен од Сталин се светлите моменти во нивната историја? Интересен историски избор.
Не, министерке. Не е „предателство“ обидот на Бугарија по 1944 година да се вброи себеси во редот на просветлените и правдољубиви држави и која секако треба да си ги плати сметките за агресијата и окупацијата што ја изврши кон Македонија и делови од Србија во текот на Втората светска војна, туку „предателство“ е нејзиното враќање кон мрачните корени на царизмот и живковизмот што сегашните генерации го направија.
И конечно, во интервјуто се кажа и следново: „Сталин и Тито които не желает голјама држава балканска каквато е била Блгарија …“. Сериозно ли е ова? Која „голјама држава балканска каквато е била Блгарија“ требаше да ја „желает“ Сталин и Тито? Да ја задржат поразената колаборационистичка Бугарија во границите што во 1941 година тие ја формираа заедно со нацистичка Германија и со фашистичка Италија и ја држеа под нивна управа сè до капитулацијата на Бугарија на 9 септември 1944 година??? Има нешто многу проблематично во тоа на кој начин сегашните бугарски политичари ги сфаќаат историјата и поуките од неа. Изгледа тие со радост би продолжиле по старо… додека некој повторно не ги лупне по носот.