Новиот бугарски амбасадор ги предаде акредитивите на Сиљановска

Сиљановска повика на дијалог, а амбасадорот радуков посебно ја нагласи изградбата на Коридорот 8


 

Во комплицираните времиња на македонско-бугарските односи, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Бугарија, Желјазко Радуков.

Според соопштението од кабинето на шефот на државата, Сиљановска на церемонијата рекла дека односите меѓу двете држави не се на посакуваното ниво и не се соодветни за држави кои се непосредни соседи и сојузници во НАТО, од кои едната е членка на Европската унија, а другата е кандидат за членство со силна посветеност кон ЕУ-интеграцијата.

„Неопходна е промена во пристапот преку развој на односите и креирање на позитивна разлика. Во таа смисла го искажувам моето очекување и надеж дека Виеќе работите на развивање на соработката во областите од заемен интерес со фокус на предизвиците од секојдневието и иднината“, рече претседателката Сиљановска.

Според неа, дијалогот претполага зближување, градење и негување на пријателство, низ заемно почитување и „почитувањето на достоинството, заложбите за европските интеграции и добрососедските односи се целосно комплементарни и заемни интереси на двете земји“, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Амбасадорот Радуков при предавањето на акредитивните писма повеќе зборувал за ефектите од војната во Украина, кризата на Блискиот Исток, последиците од пандемијата, политичката и социјалната поларизација на глобалната заедница.

„Најдобар одговор, кажавме во изминатите години, е обединувањето против секоја една безбедносна закана. Досега сите докажавме дека вредноста да стоиме цврсто и заедно пред агресијата и тешкотиите е она што е вредно. Поради секојдневните турбуленции во нашите билатерални односи, како да забораваме дека нашите две земји се сојузници во најмоќниот политички и воен сојуз. Заедничкото членство ни донесе безброј придобивки. Сепак, не сме го добиле бесплатно. Нашите земји ја платија и ќе продолжат и натаму да ја плаќаат потребната цена за да бидат сојузници со сите наши партнери, но и меѓу себе“

Радуков посебно нагласил дека Коридорот 8 е многу важен како проект не само за безбедноста на двете земји, туку и заАлијансата.

„Како таков, тој е далеку од кој било друг аспект на нашите билатерални односи и неговата важност не смее никако да се потцени ниту од цивилна, ниту од безбедносна или воена гледна точка“, рече амбасадорот Радуков.