Новиот албум на „Фолтин“ е стандарден, но уште пољубовен
Тоа што албумот „Момома“ содржи шест постандардни песни од она на што досега сме навикнати и вие и ние, за нас претставува своевиден експеримент, затоа што досега правевме експерименти, сега направивме албум баш со песни – вели вокалистот и текстописец на „Фолтин“, Бранислав Николов, а во уметничко-пријателските кругови препознатлив како Пијан Славеј.
Публиката е навикната да ја слуша нивната музика која честопати е испреплетена и инспирирана од книжевноста, филмовите, од различни области на уметноста, но и од различни култури низ светот. Овој пат албумот „Момома“ се разликува и по тоа што инспирацијата доаѓа од внатре и од емотивната состојба, а секако влијание имаат и општествените промени во кои живееме.
– Бевме навикнати да се водиме според некои концепти кои ги врзуваа албумите. Меѓутоа, сега е поинаку. Ова е збирка на песни која не е надворешно конципирана, туку сама по себе е израз на она што го доживуваме во последно време, повеќе е внатрешна конструкција и влијание. Многу груба политика, многу нечовечна и манипулаторска, а ние сите треба да се грижиме за она што ни смета како колектив, но во последно време се случуваат работи кои дополнително нè затворија, нè заглавија како луѓе – вели Николов.
Веројатно и поради возраста, зрелоста, но и сите приватни работи и ситуации што ги опкружуваат, ги насочи овие песни во тој правец.
– Вториот аспект е дека стигнавме до некој момент кога животот ни побара питомост. Ни се случуваат некои убави приватни работи кои ни го одземаат вниманието и таму ја даваме дивата енергија и сега остануваме поблаги и помеки. Јас имам една линија на нежност, која тука малку повеќе исплива на површина – вели Николов
Очекувања за новиот материјал им се во недоглед и во позитивна и во негативна смисла, се надеваат на позитивен фидбек, иако повеќе вложиле енергија, чувства, срце и душа отколку што вложиле пари во продукцијата.
Покрај стандардните членови на „Фолтин“ (Бранислав Николов – глас, Пеце Трајковски-Брада – гитара и сајзер, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани, Пеце Николовски – кларинет и усна хармоника), на овој албум гостуваат и Петар Димитровски – клавијатури, Владан Дробицки – тромбон и Васко Бојаџиски – саксофон.
Наскоро ќе биде познат и датумот кога ќе се одржи концертната промоција на овој албум во Скопје, а бендот веќе ги има исцртано и контурите на турнејата низ земјава која треба да почне да се реализира од јуни.
„Момома“ веќе го има во продажба во „Пола Југотон“, но достапен и на „Јутјуб“, „Саундклауд“, „Бендкамп“, а наскоро ќе го има и на други дигитални платформи.
Ивана Настеска