Новинарот Зоран Димитровски предложен за заменик-министер за надворешни работи

По три години искуство во владата на СДСМ како заменик-министер за локална самоуправа, новинарот Зоран Димитровски, генерелен секретар на Демократскиот сојуз, сега е предложен за заменик-министер за надворешни работи. Демократскиот сојуз во 2023 година излезе од владата на СДСМ и се престрои кон опозицијата. ДС не доби место на пратеничките листи, но добива функционерски позиции за преминувањето што го направи. Зоран Димитровски беше заменик-министер за локална самоуправа од 2020 до 2023 година.
Димитровски е познат и признат македонски новинар со повеќедецинска кариера и беше главен и одговорен уредник на повеќе медиуми.
Тој е еден од предлозите што Владата ги достави до Собранието за избор на заменици-министри. Меѓу другите предлози се и овие:
За заменик-министер во Министерството за одбрана се предлага Елфет Исмаили, економист. Од 2008 до 2019 била вработена во АД „Македонска пошта“ како соработник за маркетинг. Во 2019 до 2024 година била придружничка на лице упатено во Делегацијата на Македонија при НАТО.
За заменик-министер за внатрешни работи се предлага Астрит Исеини, кој има заврешено Факултет за физичко образование, спорт и здравје. Во моментот е вонреден професор на Тетовски универзитет и на Факултетот за биотехнички науки во Битола.
За заменик-министер за правда се предлага Ален Деребан, адвокат. Во два мандата беше советник во Советот на Општина Струга.
За заменик-министер за односи со заедници се предлага Неждeт Мустафа. Мустафа е дипломиран професор по филозофија. Од 1996 до 2002 година беше градоначалник на Шуто Оризари, па пратеник, а од 2006 до 2017 година министер без ресор задолжен за декадата на Ромите.
За заменик-министер за европски прашања се предлага Викторија Трајков, економист. Од 2010 година е вработена во Министерството за надворешни работи.
За заменик-министер за финансии се предлага Николче Јанкуловски, доктор на економски науки, а во моментот е редовен професор на Катедрата за агроекономија на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.
За заменик на министерот во Министерството за економија и труд се предлага Марјан Ристески, во три мандати градоначалник на Прилеп.
Меѓу другите предлози е и оној за Ѓоко Велковски (министер во техничката влада) за заменик-министер за социјална политика, демографија и млади. За заменик-министер за здравство се предлага Јовица Андовски, кој на таа позиција беше шест години, од 2011 до 2017.
За заменик-министер за транспорт се предлага Калтрина Зеколи-Шаќири, професор на Факултетот за социјални науки на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Во извршната власт влегува и долгогодишната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Ане Лашкоска. Таа е предложена да биде заменик-министер за животна средина.