Нови неволји за Сања Божиновска – БГНЕС ја објави потпишаната изјава во која тврди дека има бугарска самосвест
Додека премиерот Христијан Мицкоски ја крепи својата надеж дека Скопје и Софија може да најдат некакво решение ако премиер стане Бојко Борисов, медиумите блиски до лидерот на ГЕРБ ја продолжуваат силната кампања против еден од најблискиот соработници на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, министерката за енергетика Сања Божиновска.
БГНЕС денеска ја објави изјавата на Божиновска од октомври 2004 кога аплицирала за бугарско државјанство (три години пред Бугарија да влезе во ЕУ) во која вели дека има бугарска самосвест и бугарско потекло затоа што нејзиниот татко Перо и мајката Виолета биле Бугари. И се потпишала на изјавата.
БГНЕС не може да ги објави овие документи ако не се добиени од службите кои ги чуваат строго класифицирани. Претходно потпретседателката Илијан Јотова изјави дека таа лично ја видела оваа изјава (потпретседателот на Бугарија е надлежен за парафирање на барањата за државјанство).
Божиновска во неколкуте изјави тврдеше дека ниту еден граѓанин на Македонија кој се стекнал со бугарско државјанство не се чувствува како Бугарин. И дека таа како и стотина илјади други македонски граѓани се декларирала како Бугарка по потекло од „економски причини“. Барањето за бугарско државјанство и изјаснувањето дека е Бугарка по потекло Божиновска го доставила многу пред Бугарија да стане членка на ЕУ. Официјално Бугарија влезе во ЕУ на 1 јануари 2007 година.
Божиновска не е некоја што работела во градежната или угостителската индустрија, туку високо профилирана менаџерка на важни раководни позиции во екстремно финансиски важниот енергетски сектор. Бугарското државјанство и декларирањето дека има бугарска самосвест подоцна ѝ овозможило полесно да купи станови во Португалија, Шпанија, Србија во вредност од еден милион евра.
Ниту еден граѓанин на Македонија не потпишал декларација дека се чувствува како Бугарин, бидејќи тоа го прават бугарските адвокати кои земаат пари за посредување, напиша Божиновска во својата објава на Фејсбук од 18 октомври.
Наспроти нејзините тврдења, Божиновска, а не нејзиниот адвокат, лично потпишала декларација во која напишала: „Изјавувам дека имам бугарска национална свест и имам бугарско потекло“.
Сања Божиновска студираше во Чешка, а поради долгиот престој таму се стекна и со чешко државјанство.
Божиновска во 2023 година побара од бугарските институции да биде испишана од тамошното државјанство. За тоа дека поседува бугарско државјанство се дозна од нејзината работа како директорка во компанијата „Руднап“ во Загреб. Тоа го потврдува и регистрацијата во Стопанскиот суд во Загреб.
Додека се даваат изјави од новата власт – не за уставни измени по бугарски диктат – двајца многу блиски соработници на Мицкоски, Сања Божиновска и директорот на АНБ, Бојан Христовски, на мрачен и загадочен начин се поврзани токму со Бугарија. И токму поради бугарски документи напредуваат во кариерата.