Нови „алтернативни факти“ на министерот Николоски. Овој пат за аеродромот во Охрид

Министерот за транспорт тврди дека досега не била извршена реконструкција на аеродромот во Охрид, а фактите покажуваат дека имало најмалку четири


Аеродромот во Охрид

 

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, уште еднаш додаде историски квалификативи на она што го прави тој и неговото министерство. Во поткастот на Сител тој рече: „Следната недела почнуваме со реконструкција на аеродродмот во Охрид, прва реконструкција од тој тип од неговото градење. Инаку до скоро беше нелегален објект, го имавме пред нас но на хартија го немаше. Успеваме да го легализираме. Тоа беше тежок процес затоа што треба да впишете цела инфраструктура. Но тоа е завршено и следно е реконструкцијата“.

Изгледа убаво како политичка пропагандна порака, но овие зборови за реконструкцијата не само што не се вистинити, туку се и целосно извртување на историјата на аеродромот која трае повеќе од шеесетина години

Едноставно е невозможно да се набројат сите „успеси“ на министерот Николоски. Сѐ што прави тој досега не е право: се завршуваат патишта (експресни и обични) по неколку десетитици километри за само два-три месеци, аеродромот во Скопје станал лидер во регионот со 3,2 милиони превезени патници во 2025, а аеродромт во Тирана е втор со 11,5 милиони патници, се земаат под наем локомотиви, само што не почнала да се гради брза пруга на правецот кон Солун. И што уште не. 

Така и со најавената реконструкција на аеродромот во Охрид „Свети Апостол Павле“. Досега таму ништо не се обновувало од 1960-те кога беше изграден. Само се чекаше за министер за дојде Александар Николоски и тој да ги засука ракавите. Бидејќи другите пред него ништо не правеле. Можеби не го изградиле ни аеродромот.

Еве мала историја и на изградбата на аеродромот во Охрид и сите негови реконструкции, ако министерот Николоски и надлежните со кои тој раководи не ја знаеле. Можеби најпосле ќе запрат со приказната дека историјата  во транспортот не започнува со Александар Николоски. Имало и други пред него, многу способни луѓе.

На веб-страницата на аеродромот стои: „За подобрување и зголемување на капацитетите и функционалноста на аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ – Охрид, ТАВ Аеродроми, преку својата подружница ТАВ Македонија, во април 2011 година ги заврши градежните работи кои опфатија ВИП зграда, хангар за авиони и паркинг од 6 илјади квадратни метри покрај реновирањето на терминалната зграда, постојниот паркинг, административната зграда и карго хангарот“.

„Св. Апостол Павле“ се наоѓа на 9 километри северозападно од Охрид. На 1 март 2010 година, ТАВ Аеродроми, глобален бренд за финансирање, развој и управување со аеродроми, со глобално влијание на 15 аеродроми во 8 земји, го презема управувањето на двата македонски аеродроми, вклучително и аеродромот во Охрид, „Св. Апостол Павле“.

Историјата на аеродромот „Свети апостол Павле“ се протега до почетокот на 1950-те.

ЈАТ има прв промотивен лет во комерцијалниот сообраќај на 5 јули 1953, но функционирањето на аеродромот како модерно воздушно пристаниште почнува во 1968 година, кога се започнати практичните активности околу модернизирање и реконструкција на аеродромот. Се промовирановата воздушна туристичка линија на релација Белград – Скопје – Охрид.  ЈАТ го вклучи охридскиот аеродром во сопствената домашна воздушна мрежа на аеродроми во СФРЈ.

Во периодот од 1968 до 1970 година, согласно техничката документација за изградба на новиот аеродром, прво биле изведувани подготвителните работи околу приспособување на теренот на постојната аеродромска локација, а потоа биле започнати градежни работи врз изградба на нова асфалтно-полетно-слетна патека и другите маневарски површини, пристанишна платформа, пристанишна зграда, контролна кула, гаражи, трафостаница, паркинг простор, технички комплекс, приодни патишта, периметарска ограда и други инфраструктурни објекти. Старата пристанишна зграда била реконструирана, проширена и адаптирана за сместување на административните служби.

„Авиогенекс“ од Белград 20 години, од 1970 до 1990 изведуваше комeрцијални летови.

Вистинската експанзија во физичкиот обем на сообраќајот на Аеродром „Охрид“ започна во втората половина на 80-те години, со интензивниот развој на стационарниот туризам во текот на летниот период на охридската ривиера. Голем број меѓународни туристи, пред сè од Холандија, Германија и Велика Британија, како и туристи од Словенија и Србија, доаѓаа на одмор во Охрид.

Од март до мај 1990 година е изведена реконструкција на полетно-слетната патека и другите маневарски површини на аеродромот.

Во периодот 1994-1995 година извршена е комплетна реконструкција и проширување на пристанишната зграда, со што се подобрени условите и зголемени можностите за ефикасно извршување на активностите околу регистрацијата на патниците и нивниот багаж.

Во есента 1996 година извршено е проширување и осветлување на пристанишната платформа, со што се зголемени капацитетите и подобрени условите за безбедно, несметано и ефикасно прифаќање и отпрема на воздухопловите.

Во текот на 1999 година оспособен е новиот складиштен и магацински простор, со што се подобрени условите за развој на карго дејноста на аеродромот.

Во периодот март-јули 2004 година извршена е реконструкција на пистата на Аеродром Охрид од страна на УЦВП со користење на кредит од Европската банка за обнова и развој.

Министерот Александар Николоски може да ги забележи сите овие реконструкции, проширувања на пистата, аеродромската зграда и да биде не само попрецизен, туку и покоректен и со почит кон сите оние што изминативе шест децении се грижеле и го развивале аеродромот во Охрид. (Н.В.)