Нови 100 наслови во прилепската библиотека


Прилепската градска библиотека „Борка Талески“ набави околу 100 нови наслови од исто толку домашни и странски автори. Делата се во издание на „Матица Македонска“, „Култура“, „Феникс“, „Бата прес“, „Сакам книга“, од автори поединци, како и од донации од универзитетската библиотека „Климент Охридски“.

Според директорот Петар Петрески, библиотеката е постојано во чекор со новите изданија и барањата на читателите.

-Секогаш внимаваме да бидат застапени сите жанрови. Најмногу набавуваме белетристика зашто е најбарана помеѓу читателската публика. Освен тоа, редовно набавуваме стручна литература, научни списанија, енциклопедии, речници, монографии, дневен и периодичен печат и други изданија за да се задоволат потребите на читателите, вели Петрески.

Од планираните средства за нова литература и издавачка дејност, од околу 700.000 денари годишно, досега се вложени повеќе од половината во набавка на преку 1000 книги. Во Градската библиотека членуваат реку 5000 вљубеници во пишаниот збор, од сите возрасти. Членарината е 200 денари, а два пати годишно, на патрониот празник и за време на месецот на книгата, има попуст од 50 отсто.