Новата црногорска авиокомпанија ќе се вика „ToMontenegro“
Одлуката за формирање нова авиокомпанија „ТоМонтенегро“ беше објавена во Службен весник на Црна Гора, јавија медиумите во Црна Гора. Овој потег доаѓа набрзо по згаснувањето на националниот авиопревозник „Монтенегро ерлајнс“.
Како што е наведено во одлуката потпишана од премиерот Здравко Кривокапиќ, основач на компанијата е Владата на Црна Гора со учество од 100 проценти. Покрај основната дејност превоз на патници, со редовни авиолинии, компанијата ќе организира чартер летови, панорамски летови, ќе изнајмува авиони со екипаж за превоз на патници и тн.
Акционерскиот капитал на новото друштво е 30 милиони евра и, како што е наведено во одлуката, ќе се уплати во рок од една година од денот на регистрација, во една или повеќе транши, од кои 4 милиони евра ќе бидат исплатени за време на регистрацијата на друштвото.
Министерот за капитални инвестиции Младен Бојаниќ, како гостин во емисијата Рефлектор на ТВ Вијести, најави отворање на нова авиокомпанија наречена „2 Montenegro“.
„Ќе основаме нова компанија, ако може да ја одржиме ‘Монтенегро ерлајнс’, во ред, но ако не можеме, ќе ја претрпиме таа штета неколку месеци. Ќе имаме нова компанија што ќе се води како што треба.Ќе се вика „2 Montenegro“, „To Montenegro“ или во превод „За Црна Гора“, рече Бојаниќ.