Нова европска осуда за Виктор Орбан


Виктор Орбан се соочува со голема изолација во Европа (Фото: ЕПА)

Европскиот парламент донесе резолуција со огромно мнозинство во која се наведува дека можноста унгарскиот премиер да владее со декрети е „целосно некомпатибилно со европските вредности“

 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан станува сѐ поизолиран во Европа додека многу земји, институции и организации нагласено се дистанцираат од начинот на кој владее тој. Последниот потег го направи Европскиот парламент во петокот (17 април), кој донесе резолуција во која се наведува дека неодамнешното инсталирање на вонредната состојба во Унгарија на неодредено време поради корона вирусот и можноста Орбан да владее со декрети се „целосно некомпатибилни со европските вредности“. Во истата резолуција се осудуваат и сличните постапки на другата авторитарна влада во ЕУ, онаа во Полска. Со резолуцијата се бара Европската комисија да утврди дали Унгарија и Полска го кршат законот на ЕУ и го повикаа Европскиот совет да ги врати на дневен ред процедурите за член 7. Не постои начин за исклучување од ЕУ, но активирањето на член 7 би можело да резултира со прекин на гласачкото право.

Веројатно најлошо за Орбан е што оваа резолуција за реакцијата на ЕУ на пандемијата и нејзините последици, е потпишана од претседателите на сите четири големи политички групи на Европскиот парламент. Меѓу нив е и Европската народна партија (ЕПП), каде што е замрзнато членството на партијта на Орбан, Фидес, иако нејзините пратеници сѐ уште се дел од групата на ЕПП во Европскиот парламент.

Претседателот на парламенот, Давид Сасоли, вака им го објасни на новинарите значењето на оваа резолуција:

„Ние сакаме да излеземе од оваа криза преку демократијата, сакаме да имаме успех според нашите правила и нашите договори. Не смееме да ги поништиме правилата и вредностите што го регулираат нашиот соживот“.

Резолуцијата беше донесена со големо мнозинство од 395 „за“ и 171 „против“. Во неа се критикуваата чекорите на властите во Будимпешта „да се продолжи вонредната состојба на неодредено време и да се овласти владата да владее со декрети без временски рок, а со тоа да го ослаби итниот надзор на парламент“.

Осудата на европратениците за конзервативната влада на Полска е поради нејзината одлука „да се одржат претседателски избори среде пандемија, што може да ги загрози животите на полските граѓани и да го поткопа концептот на слободни, еднакви, директни и тајни избори“.

Неколку дена пред оваа резолуција 30 европратеници и 50 новинари, научници и организации од граѓанското општество во писмо упатено до Европската комисија и претседателите на Советот повикаа на „брзи и решителни активности“ за решавање на „заканите за владеењето на правото што се спроведуваат под маската на итни овластувања“, поради усвојувањето на контроверзниот закон што му овозможува на Орбан да владее со декрети.

Писмото го иницираше „Транспаренси интернешенел“ и во него се вели дека „исклучителното време, секако, бара исклучителни мерки“, но „овие мерки мора да бидат временски ограничени и сразмерни“.

„Сепак, кризата не смее да служи како замаглување за антидемократски активности и задушување на активното граѓанско општество, што може да ја влоши корупцијата… Не можеме да дозволиме несовесни политички актери да ја користат сегашната клима како изговор за демонтирање на демократијата и поткопување на владеењето на правото“, се додава во писмото.

„Овие мерки имаат застрашувачки ефект врз слободниот говор и предвидуваат потенцијал да ги задушат останатите елементи на системот за проверки и рамнотежа во Унгарија, кои некако преживеаја изминатите десет години во целосното владеење на Виктор Орбан“, се наведува во писмото.

Во неодамна ибјавениот идекс на познатата организација „Светски правосуден проект“ (World Justice Project) Унгарија доживеа еден од најголемите падови на индексот на организацијата за мониторинг на владеење на правото во последните пет години, во просечен годишен пад од 2,1 отсто. На таа скала Унгарија е последна од сите земји на Европската унија, а е и две места подолу од Македонија.

Европската комисија набљудува што се случува во Унгарија. Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс, минатата недела изјави дека тој „одблиску ќе гледа како унгарските власти го спроведуваат законот и ќе ги анализираме мерките преземени врз негова основа“.

Рејндерс уште додаде: „Откако влеговме во пандемијата како либерално демократски земји, треба да бидеме сигурни дека од кризата ќе излеземе со либерална демократија“. За Унгарија тоа веќе е прашање за кое нема сигурен одговор. (Љ.П.)