Нова бескаматна кредитна линија за компаниите


Сите макроекономски показатели и статистички параметри укажуваат на тоа дека економијата закрепнува уверува вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.

-Владата во изминатата една година и четири месеци направи сериозни напори да го помогне стопанството, особено за да ги амортизира последиците од глобалната корона криза. Сега можеме да кажеме дека економијата е во пораст – вели Битиќи.

Тој откри дека индустриското производство е континуирано во пораст последните три месеци, односно во март растот изнесувал 7,6%, во април 46%, а во мај растот на индустриското производство бил 16%. Битиќи додаде дека извозот расте со стапка над 44%, а покриеноста на извозот со увозот изнесува 73,7%.

Според вицепремиерот за економски прашања властите се сѐ поблиску до исполнување на ветувањето за 500 евра просечна плата, бидејќи во моментов просечната плата изнесува 28.430 денари и додаде дека сега се вработени 793.121 лице, а стапката на невработеност е стабилна – 16%.

Министерот за финансии Фатмир Бесими, пак, истакна дека 2021 година е година на заздравување на економијата, но и за постигнување брз и одржлив економски раст. Тој откри дека приоритети на власта се зголемување на растот на 4-5% на годишно ниво, како и раст на плати за 20-30% на кумулативно ниво на среден рок.

Бесими апелира компаниите да ги искористат средствата што им се овозможени преку новата бескаматна кредитна линија „Ковид 4“, односно вкупно 615 милиони денари, додавајќи дека дури до 50% од кредитот може да се искористи како грант.

-Очекуваме позитивни ефекти како што и досега имавме позитивни ефекти од трите кредитни линии, со кои се поддржаа ликвидноста и бројката на вработени, но и новите инвестиции, изјави Бесими.

Од друга страна, директорот на Развојна банка, Кире Наумов нагласи дека за новата линија „Ковид 4“ ќе може да аплицираат малите, микро и средни компании што имале најмалку 30% пад на приходите во 2020 година во однос на 2019 година. Тој додаде дека ќе може да се пријават компании од 23 шифри на дејност, а тука влегуваат оние од областа на превозот, угостителството, ивент индустријата, како и занаетчиите и приватните здравствени установи. На конкурсот нема да може да се пријават единствено фирмите кои користеле поддршка за плати за февруари и март од петтиот пакет мерки .

-Максималниот износ на кредитот е 30 илјади евра, а минимален изнесува три илјади евра. Рокот на отплата е до 42 месеца, со грејс период од 12 месеци, изјави Наумов.

Ќе може да се аплицира почнувајќи од 15 јули.

Што се однесува до можноста за грант ако за 10% се зголемил приходот, во тој случај 30% од кредитот ќе може да се трансформира во грант, а ако пораснал бројот на вработени, тогаш 20% од кредитотисто така ќе може да бидат грант.