„Нова Атлантида“- објавено последното дело на Петре Бакевски

„Нова Атлантида“, како што има кажано Петре Бакевски, е сублимат на целото негово поетско, книжевно и животно искуство. Во неа се сите негови возвишувања и паѓања, сите негови соништа и изгубени илузии


Поемата „Нова Атлантида“, последно дело на Петре Бакевски, која авторот ја  работел пред смртта во 2011 година,  деновиве излезе од печат во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Поемата има три пеења: „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“.

-Првиот дел (верзија), првично објавен во 2008 година, е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина под насловот „Нова Атлантида“. Првпат, ексклузивно од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења.

„Нова Атлантида“, како што има кажано Петре Бакевски, е сублимат на целото негово поетско, книжевно и животно искуство. Во неа се сите негови возвишувања и паѓања, сите негови соништа и изгубени илузии, соопшти издавачката куќа.

Како што рекол авторот Бакевски; „’Атлантида’ е метафора за исчезнувањето. Таа има двојно значење, и лично и општо. Животот на човекот се одвива во биолошки круг. Само времето постојано трае, се продолжува, се обновува, се пресоздава, ги пласти драмите, селективно и двоумно ги памети сеќавањата, предупредува и повторно се става на искушенија. И на нови предизвици. На нови потраги. На нови откровенија.“

Уредник на изданието е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша Јелена Лужина. Книгата е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во чии рамки „Арс Ламина“ досега (ре)објави дел од творештвото на Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Оливера Николова.
 
Петре Бакевски (Кавадарци, 5 јануари 1947 – Скопје, 25 август 2011) е еден од најзначајните македонски писатели, интелектуалци и книжевници. Беше долгогодишен главен уредник на книгоиздателството „Детска радост“.  Автор е на поетски, прозни и драмски дела и е добитник на голем број награди и признанија.