Нов тинејџерски ТВ серијал “Тин камп“ на МТВ


На 15 Октомври, на Националниот сервис МРТ 1, ќе започне со емитување новиот тинејџерски серијал „Тин камп“ (Тинејџерски камп) од продукцијата „Рифенштал“ која веќе три сезони го реализира музичко- забавниот детски серијал “Дајте Музика”. Поради големиот успех на детскиот серијал, дојде и идејата е да се направи тинејџерскиот серијал „Тин камп“  кој е спин-офф на „Дајте музика“.
Содржина на  тинејџерски серијал „Тин кам“
 
Понесени од фактот дека во изминатите 30-на години, на нашите медиуми има недостаток од тинејџерска играна серија,  серијалот „Тин камп„ ќе биде забавно-музички серијал кој ќе обработува теми  соодветни за тинејџерите.
Неколку тинејџери, таленти во музика и танцување се упатуваат во Крушево, за да бидат учесници во реномиран музички камп. Сите учесници се дојдени со иста цел, преку натпревар да ја освојат главната награда, а тоа е стипендија за реномираниот американски музички универзитет „Беркли„. Поради привлечноста на наградата, а и самото реноме на кампот, во Крушево се собираат деца од неколку балкански држави, со што кампот станува интернационален.

Самата локација, градот Крушево, на децата ќе им обезбеди средина поволна за дружење, музика, искуства и авантури. Со оглед на тоа дека Крушево како град не е доволно медиумски експлоатиран, децата од серијалот ќе ја запознаат сета магија која ја носи градот, како што е историјата, природната убавина, авантурите и неверојатната енергија.

Во 10 епизоди во времетраење од 30-на минути, учесниците на кампот ќе доживеат неповторливо искуство, учејќи нови животни лекции. Во посебни епизоди ќе се зборува за историјата на градот, преку локациите како што се Мечкин камен, Македониум и слично. Посебна епизода ќе има и во спомен куќата на Тоше Проески, со што ќе ја потсетиме младата публика на оваа музичка легенда.

 
 
 
Сепак тинејџерскиот серијал не би бил тинејџерски без искуствата со кои се соочуваат децата на таа возраст. Во серијата „Тин камп“ ќе бидат вкоренети  реалните проблеми на младите, како што се првата љубов, разочарувањето,  љубомората, првото пијанство, односот со родителите, емотивната состојба на младите, здравјето, внатрешниот мир, семејството,  вистинските пријатели, малите задоволства, желбата да помогнете некому. Заклучокот на крајот е дека пријателите се темелите на нашиот живот. Тие ги прават нашите животи побогати и исполнети. Времето поминато со пријателите, семејството и со саканите е најважниот момент во животот.

Како дел од главните актери се појавуваат Миха Гигов, Филип Поповски, Анастасија Џабирски и Филип Ивковски-Боно, кои во новата серија ги глумат истите ликови, со што гледачите ќе имаат можност да видат како тие созреваат и живеат во својот адолесцентен период.  Освен добро познатите ликови, во серијалот ќе глумат и тинејџерите Петар Маниќ,  Марија Јанчевска, Дарија Врачевиќ, Далија  Стојменова, Кристијан Георгиев, Дамјан Мишов, Марин Стојановски, Фљона Исени,  Калина Калчоски, Ања Стојанова и многу други на возраст од 14 до 17 години, кои ќе бидат архитипови на различни карактери во кои публиката ќе може да се препознае и да се поистоветуваат.

Во серијалот,  улоги ќе имаат и реномираните македонски актери: Петар Мирчевски, Ивица Димитријевиќ, Ангела Димитрова, Оливер Митковски, Драгана Левенска, Бранко Бенинов, Тања Кочовска Павловска, Предраг Павловски и други.