Нов систем на финансирање во образованието најави Шаќири


На седница на собраниската Комисија за образование и наука, на тема „Трансформирање на образованието – Консултативна дискусија за визијата до 2030 година“ почнаа консултации за Националната развојна стратегија за периодот 2022-2042.

Документот ќе ги содржи националните приоритети и долгорочните развојни цели кои ќе ја променат сегашната состојба во која македонските ученици имаат резултати под просекот за Западен Балкан, земјите од ЕУ и од ОЕЦД, а според ПИСА-тестирањето во 2018 година, над половина од учениците на 13-годишна возраст не го достигнуваат основното ниво на умешност во читање и математика.

Заменик-претставникот на УНИЦЕФ во земјава Артур Ајвазов на седницата рече дека уште пред прекинот поради КОВИД-19, земјава се соочувала со криза во учењето и посочи дека според Индексот на човечки капитал на Светска банка, дете родено денес во Северна Македонија, кога ќе порасне ќе биде 56 проценти продуктивно од потенцијалот што го има доколку добие добро образование, а тоа е, рече, најниска стапка во Европа. Посочи и на тоа дека школите во земјава поради пандемијата беа затворени најдолго во споредба со другите земји од регионот, а системот продуцира нееднаквост поради социјални разлики, некои училишта се преоптоварени и немаат доволно наставници, други не се доволно искористени и имаат премногу вработени.

-Тоа води кон неправично распределување на ресурсите. Дури 87 проценти од трошоците за основното образование покриваат плати за вработените и за одржување на објектите. Тие 87 проценти се неверојатно високи и, би рекол, неприфатливи, рече Ајвазов и нагласи дека ќе биде „една од потешките и од критично значење“ претстојната реформа за нов систем на финансирање и оптимизација на мрежата на училиштата со цел да се постигнат заштеди.

Апелираше до пратениците од разни политички партии и различни идеолошки определби да се обединат за образованието и за децата и да договорат поголем буџет кој, како што рече, ќе биде под притисок и поради војната во Украина и поскапувањето на храната и кризата во енергетиката.

–Во име на децата, да имате заедничка цел за тие да добијат висококвалитетно и правично образование што ќе им даде нови можности и ќе го подобри квалитетот на животот на денешните и идните генерации. Ќе ве замолиме да ставите приоритет на образованието, да се потрудите да го зголемите буџетот за образованието, давајќи приоритет на ефикасноста на трошењата, рече Ајвазов.

За реформата со која ќе биде оптимизирана мрежата на училишта и ќе се промени формулата за финансирање на основното и средното образование, министерот Јетон Шаќири рече дека ќе се овозможи ефикасно и ефективно искористување на образовните ресурси – инфраструктурните, човечките и финансиските.

-Процесот на оптимизација на училишната мрежа ќе се одвива до 2026 година и во тесна координација со вас, пратениците, со општинските власти, училишниот кадар, родителите, учениците и сите други засегнати страни. За секоја општина ќе се утврди посебен план за оптимизација, врз основа на индикатори и стандарди. Наша цел е да воспоставиме правичен образовен систем кој создава еднакви услови за настава во сите училишта, да им овозможиме на училиштата да држат повеќе часови настава и да обезбедиме ефикасна распределба на ресурсите, рече Шаќири во Собранието.

За да се подобри ефикасноста во трошењето и да се обезбедат доволно финансиски ресурси со кои ќе се исполнат образовните стандарди во училиштата, МОН во соработка со Министерството за финансии направи ревизија на формулата за финансирање на основното и средното образование. Новиот начин на финансирање, според Шаќири, ќе обезбеди објективна и правична распределба на блок-дотациите за општините и за училиштата.

Новата формула ќе се базира на утврдена стандардна цена по ученик и обезбедува поголема транспарентност во распределбата на средствата за блок-дотации. Дотациите од општините кон училиштата ќе се реализираат врз основа на утврдени механизми и ќе има посебни алатки за контрола како училиштата ги трошат дотациите. Новиот начин на финансирање предвидува период за приспособување од пет години.

Претставничката на Обединетите нации во земјава Моника Сандри рече дека образовните системи во светот во изминатите две години се соочија со најсериозниот прекин во поновата историја и дека истражувањата на Светска банка и на УНИЦЕФ, рече таа, укажуваат на ризик од генерациска катастрофа доколку сега не се направат посериозни напори и поддршка на учениците да го надоместат тоа што го загубиле.

За таа цел, Генералниот секретар на Обединетите нации во септември во Њујорк ќе организира самит за трансформирање на образованието – целосно закрепнување на образовните системи од КОВИД-19, одново осмислување на образованието за 21 век и забрзување на напредокот.

-Подготвувајќи се за ова, тимот на ОН во земјава со УНИЦЕФ на чело му дава поддршка на Министерството за образование и наука за организирање консултации со различни чинители. Оваа седница ќе се искористи за дополнителни информации за заложбите за Самитот на ОН, истакна Сандри.

Пратениците од власта и од опозицијата кои денеска дискутираа на седницата за трансформација на образовниот систем беа едногласни дека треба да се обнови политичката посветеност кон образованието кое, покрај слабостите што ги има, дополнително беше доведено во криза поради пандемијата.