Нов протест во Куманово поради данокот на УЈП од 2020


 

Денеска по втор пат протестираа кумановци кои со години работеле во американски фирми во Ирак и Авганистан пред зградата на Управата за јавни приходи во Куманово, против ретроактивното оданочување за вората половина од 2020 година.

Тие побараа правилно утврдување на даночната резидентност, укажувајќи дека биле надвор од државата повеќе од 183 дена, потоа институциите да ги признаат доказите пасоши, печати и потврди од работодавците, ревизија на изготвените решенија, привремено запирање на присилната наплата, како и усогласување на даночната пракса. Тие кажаа дека не бегаат од плаќање даноци, туку бараат правична и законска примена на прописите. 

Тие рекоа дека во 2019 прашувале дали треба да се плати данок и од самата Управа за јавни приходи им посочиле дека поради отсуството од 183 дена не подлежат на одначување.

Тие нагласија дека ќе испратат петиција и ќе ги известат и американската амбасада и останатите за својот проблем. На Управата ќе ѝ предложат самата да достави официјални барања до владите на Ирак, Авганистан за тамошните платени даноци и најавија протести и во другите градови, укажувајќи дека ќе им се придружат и лица кои по различни основи остварувале приходи од 2020 во други земји, оние кои работеле на брод, како и припадници на Армијата кои биле на мисии.

Велат дека доколку знаеле за законот ќе си одвоиле пари да ги платат данокот, укажувајќи дека голем дел од нивните колеги ги потрошиле спечалените пари, потсетувајќи дека тука се потрошени парите, вложени во Куманово и Македонија.