Нов мораториум на градба во Општина Центар


Општина Центар донесе нова одлука за мораториум со која Деталните урбанистички планови (ДУП) кои се спротивни на Генералниот урбанистички план на Град Скопје (ГУП), нема да се применуваат.
„Со оваа нова одлука престанува да важи последната одлука за мораториум која беше донесена на 13 декември 2018 година. Сега Уставен суд нема потреба да расправа дали таа е уставна или не бидејќи не важи“, смета градоначалникот Саша Богдановиќ.
Сите 30 ДУП-ви кои Општината во моментов ги ревидира се спротивни на ГУП-от, па на тој начин  нема да се издаваат дозволи за градба додека не бидат усогласени со генералниот план.
Одлуката беше донесена на денешната вонредна седница на Советот на Општина Центар, која беше свикана откако на 20 март Уставниот суд донесе одлука да се стопира мораториумот за градба во општина Центар, додека не се одлучи дали тој е уставен и законски. Новата одлуката беше изгласана со 16 гласови „за“ а советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа воздржано.
„Со оваа нова одлука го продолжуваме мораториумот на градба додека сите планови кои сметаме дека се лоши, го загрозуваат хуманото живеење на граѓаните и се спротивни на ГУП-от како акт на повисоко ниво, не бидат ревидирани. Откако Уставен суд донесе времена мерка за стопирање на мораториумот, за да не се случи да се искористат тие неколку денови за поднесување барања за градба, ние носиме нова одлука“, рече градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ.
Во образложението за новата одлука за начинот на применување на деталните планови се вели дека со неа се потенцира потребата од почитување на темелните вредности содржани во Уставот, а кои се однесуваат на основните човекови слободи и права, признаени со меѓународното право и утврдени со Уставот.
„Во член 11 точка 6 од Законот за просторно планирање изречно е наведено дека Деталниот урбанистички план како план од понизок ранг мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план“, се вели во образложението кое денеска градоначалникот Богдановиќ го достави до Советот за гласање на новата одлуката.
Богдановиќ вели дека во подготовка на ваквата одлука имале помош од правници, професори и академици.
„Ниту едно барање за добивање одобрение за градба поднесено по 27 декември 2017 години, кога ја донесовме првата одлука за мораториум нема да биде одобрено додека не се ревидираат плановите. Во Општината имаше поднесено 16 барања за градба, а нови две стигнаа деновиве“, додаде Богдановиќ.
Градоначалникот, еден ден по донесувањето на одлуката на Уставниот суд, најави дека Општината ќе ги преземе сите правни мерки кои се на располагање за да може да се продолжи со оваа практика до донесување на новите Детални урбанистички планови за Центар.
„Не се откажуваме од мораториумот. Заедно со правниот тим и надворешни експерти се консултираме за мерките што нѝ се на располагање“, рече тогаш Богдановиќ. „Година и половина работиме на измени на ДУП. Во новите планови, спречивме лоши планови да станат реалност, како со „Мирко Мацан“, и Ново Маало, каде во целост укинавме предвидени изградби на хотел, згради и друго, а предвидовме паркови, зеленило“, рече Богдановиќ.
Уставниот суд ја донесе одлуката по иницијатива на Градежната комора при Стопанската комора на Македонија и на Стопанската комора на Северозападна Македонија. Градежните комори подолго време на јавни настани истакнуваа дека мораториумот во Центар му носи голема штета на градежниот бизнис.