Нов договор за реформи и валутен борд за контрола

Политичките партии треба да склучат нов Рамковен или само Договор - а тоа е Договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку 10-тина години и тоа да биде остварено во соработка и со науката и бизнисот


(Излагањето на Хари Костов на конференцијата Beyond Ohrid, по повод 20 годишнината од Охридскиот Рамковен договор, предизвика исклучително внимание во јавноста, поради неговиот повик за нов договор меѓу партиите за економски реформи, како и поради заложбите за фискален совет и валутен борд со цел да се стави крај на задолжувањата и за рационално трошење на јавните пари. Во продолжение го објавуваме целиот говор на Костов, кој поради ограниченото време за говорниците, на Конференцијата беше пренесен во скратена верзија.)

 

Јас не сум еден од преговарачите и потписниците на Охридскиот рамковен договор (ОРД), но во еден сплет на околности во ноември 2002 година се најдов на чело на МВР, кое што имаше значајни обврски, задачи и одговорности во спроведувањето на Договорот, односно на тоа што потоа беше преточено во Уставни амандмани и закони на Република Македонија.
Веднаш по завршување на конфликтот во 2001 година, МВР беше една од најчувствителните институции за спроведување на законите кои произлегоа од Договорот и со значајна поддршка од меѓународната заедница, беше институција која најмногу мораше да работи на враќањето на довербата и кај македонското и кај албанското население. Да се потсетиме, беа тоа времиња непосредно после конфликтот кога јавноста и медиумите го поставуваа прашањето дали МВР има целосна контрола на територијата на Република Македонија, кога се појавуваа спорадични инциденти во регионот на Скопска Црна Гора, Куманово, Тетово од криминалци кои се претставуваа како ОНА, АНА или не знам што. Применувајќи го принципот на соодветна и правична застапеност, одеднаш како функционери и вработени во Министерството се најдоа и луѓе кои можеби во време на конфликтот се гледаа преку нишан од едната или другата страна. Во такви услови, секако дека имаше почетна недоверба, сомневање во искреноста во соработката и во извршувањето на законските надлежности и задачите на МВР. Сепак, сметам дека се постигна задоволителен напредок – довербата во МВР сега е поголема од тоа што беше пред и непосредно после конфликтот од 2001 година. Резултатите ќе беа и подобри, доколку единствен критериум во работењето на МВР беше почитување на законите и одговорност за нивно прекршување, односно доколку МВР успееше да се ослободи или значително да ги намали политичките и партиските влијанија во своето работење.
Дали Охридскиот рамковен договор е најдоброто решение за Уставното, законското и политичкото уредување на една држава? Секако дека не е, во теоретски услови кога централното внимание и цел на уредувањето би бил граѓанинот и неговите права и слободи утврдени со Универзалната декларација. Но, во практичните услови и состојби кои владееја во Република Македонија во 2001 година, ОРД го означи крајот на вооружениот конфликт, ја отфрли употребата на насилството за остварување на политички цели. Тој покажа дека не постојат територијални решенија за етничките прашања. И пред сѐ, го сочува суверенитетот и територијалниот интегритет и унитарниот карактер на државата. Од тој аспект, сметам дека ОРД беше исправното решение.

Потребен е нов Договор за економските реформи

Толку би имал јас накратко за ОРД. Сепак, би сакал да го искористам овој панел и да им препорачам нешто на партиите, а што јас сметам дека е значајно за иднината на Македонија.
Ваква слична конференција за спроведувањето на ОРД се одржа и во август 2004 година во Охрид, со учество на сите политички партии и со некои лица кои и денес ги гледате на овој панел. Уште тогаш се констатираше дека 99 отсто од одредбите на ОРД се исполнети и завршени и дека остануваат уште малку работи. Можеби тоа беше фалење на политичките партии, затоа што стално ќе произлегуваат некои идеи кои наводно биле во духот на ОРД (како што е тоа сега случај со личните карти), но сепак, факт е дека таква беше констатацијата на таа конференција.
Јас и тогаш, и кога ја напуштав функцијата во Владата во декември 2004 година, а особено сега, сметам дека ако е точна констатацијата дека ОРД е веќе исполнет, тогаш политичките партии во државава треба да склучат еден нов Рамковен или само Договор – а тоа е Договор за економските реформи, политики и мерки кои треба да се спроведуваат во наредните најмалку 10-тина години и тоа да биде остварено во соработка и со науката и бизнисот.
Зошто сметам дека е ова потребно? Политичките партии денес се толку поделени и спротивставени што не можат да постигнат согласност или консензус речиси за ниту една мерка, ниту за тоа на која страна изгрева и заоѓа сонцето.
Погледнете го вокабуларот на политичките партии пред и после изборите, на кои некоја од нив ќе ја изгуби власта. На пример, до изборите во 2017 година, СДСМ велеше дека ВМРО неконтролирано ја задолжува државата за неоправдани проекти и за поткуп на гласачите, дека администрацијата неконтролирано се зголемува со партиски вработувања, дека тие ќе обезбеделе повеќе средства за зголемување на пензиите (иако и двете партии се надевам се свесни дека државниот пензиски фонд е во таков дефицит што не може да ја исплати месечната пензија ако Министерството за финансии не му дотира најмалку 50 отсто од месечниот износ на пензиите), дека ќе обезбедат многу повеќе средства за стимулации во земјоделството (иако нема никаква програма кои од компаративните предности што ние ги имаме во земјоделството сакаме да ги стимулираме, туку тие стимулации во главно служат за корумпирање на гласачите), дека се форсираат само партиски вработувања и затоа младите масовно ја напуштаат државата, и т.н. Кога дојде до смена на власта после тие избори, наеднаш партиите само ги сменија етикетите, а вокабуларот остана во главно ист – сега ВМРО почна да обвинува дека државата неконтролирано се задолжува, дека администрацијата се зголемува со партиски вработувања, дека пензиите, стимулациите во земјоделството треба да бидат многу поголеми, дека постои егзодус на младите од државата и т.н. И, што би рекол еден мој пријател, така 30 години ние се вртиме во еден маѓепсан круг, на големи очекувања од секоја промена на власта и потоа брзи разочарувања, отсуство на вистински економски реформи и само гол популизам, сѐ поголема корупција и навика да се живее со неа, партизација и поделеност на општеството и населението…

Задолженоста на државата е проблем

Таканаречениот нов Рамковен договор за економските реформи за кој се залагам би значел договор помеѓу сите релевантни политички партии со учество на науката и бизнисот, за економски реформи и мерки за кои ќе постои согласност дека ќе мора да се применуваат, без оглед на тоа која партија ќе биде на власт и да нема партиски препукувања потоа за тие реформи и мерки. Тие области, помеѓу другото, би биле:

Задолженоста на државата и мерки за нејзино сведување во подносливи рамки. Во последнава деценија дојде до експлозија во задолженоста на Македонија, главно како последица на катастрофалниот проект Скопје 2014, а во последната година – две и заради справување со последиците од пандемијата врз стопанството и населението.
Кога во 2013 – 2014 година ние од Комерцијална банка им укажувавме на ММФ и Светската банка за неодржливоста на непродуктивното задолжување и трошење за Скопје 2014 и други популистички проекти, тие институции велеа дека задолженоста од 30 отсто од БДП не е голема и дека Македонија сеуште има простор. Попусти беа нашите укажувања дека треба да се преземаат мерки пред задолженоста да стане проблем, затоа што после ќе биде касно. А сега веќе задолженоста на државата е проблем. Ние потрошивме огромен дел од таа задолженост на катастрофалниот проект Скопје 2014, сега се потрошија огромни средства главно преку задолжување заради справување со последиците од пандемијата врз стопанството и населението.
Веќе драматично е стеснет просторот во кој Македонија ќе може да се задолжува за економски оправдани проекти во областа на енергетиката, патната и сообраќајната инфраструктура, образованието, здравството.
Прашањето на задолженоста дополнително се изострува ако се погледне структурата на девизните приливи во државата. Имено, значаен дел од тие девизни приливи се остваруваат од странски компании кои работат во слободните зони. Како пример, само една таква странска компанија, остварува поголем износ на девизни приливи и одливи, отколку што остваруваше целокупната македонска економија во 2010 година. Меѓутоа, тие странски инвестиции сега користат значителни даночни ослободувања од аспект на данокот на добивка, персоналниот данок и придонесите, користат значителни износи на државна помош и стимулации. Прашање е дали тие ќе останат во државата кога ќе заврши договорениот рок на таквите стимулативни мерки или ќе побараат нови дестинации за своите инвестиции, а со тоа и можно намалување на девизните приливи во државата и изострувањето на проблемот со задолженоста.

Неопходна е рационализација на државната администрација

Следна област е неопходноста од драстична рационализација на државната администрација, со подобри плати на намалената администрација и преструктурирање на буџетската потрошувачка. Државната администрација треба да се сведе на некоја разумна бројка како што е тоа во земјите со слична големина како нашата и да престане да се користи за вработување на партиските припадници, туку да се вработуваат според степенот на квалификации.
Буџетот во 2004 година изнесуваше 1,6 милијарди евра, а оваа година тој изнесува над 4,4 милијарди евра. Во меѓувреме, ниту стопанството, ниту стандардот на населението не е пораснат за 3 пати. При тоа Буџетот се финансира во значаен дел со задолжувања, а најголемиот дел оди за плати на администрацијата и за социјални трансфери, што остава многу мал дел за капитални инвестиции, а тие пак ниту една година досега не се реализирани во целосен износ. Во овој дел уште еднаш би ја потенцирал потребата од формирање на фискален совет, па и валутен борд, со учество на соодветни експерти.
Неопходни се реформи во пензискиот систем и во политиката на субвенционирање на земјоделството со што тие ќе се усогласат со можностите и со компаративните предности на македонското земјоделство, врз основа на остварените производствени резултати. Инаку вака, субвенциите секоја година се сѐ поголеми, а резултатите и производството се помали.

Борбата против корупцијата да почне уште во образовниот процес

Следно, а можеби и прво, е борбата против корупцијата и организираниот криминал. Таа во Македонија достигна таков степен и толеранција меѓу населението, што некакви годишни програми и назначување на поединечни функционери не помага. Борбата против корупцијата мора да започне уште во образовниот процес со кој ќе се обидеме младите да ги научиме што е тоа што е нормално, морално и прифатливо однесување, затоа што мислам дека за тоа веќе се изгубени сите критериуми.
Има уште многу прашања и реформи кои треба да бидат дел од т.н. Рамковен договор за економијата, вклучувајќи го и прашањето на стимулирање на структурното прилагодување на македонската економија, реформа на образованието во согласност со потребите на стопанството, но времето овде не дозволува пошироко елаборирање.
На крајот, си го поставувам и прашањето – дали сум јас толку наивен и навистина очекувам дека партиите на момент ќе заборават на својата поделеност и спротивставеност и дека е можно да склучат ваков Договор за економските реформи.
Не, воопшто не сум наивен и знам дека овој мој предлог ќе наиде на тврди уши и игнорирање, како што беше и во 2004 година. Сепак партиите се чувствуваат поудобно да ги трошат самостојно прибраните пари од стопанството и населението кога се на власт, и жестоко да критикуваат кога се во опозиција. И затоа мислам дека ние, за жал, уште долго ќе продолжиме да се вртиме во маѓепсаниот круг, се додека не се освестиме за вистинските обврски спрема народот и посебно спрема младите. Затоа што навистина е многу тешко кога ќе видам дека мои пријатели врсници останаа без ниту едно од своите деца во државата и тие си го побараа својот живот и работа во странство.
Мислам дека тоа им го должиме на помладите генерации.

(Хари Костов е Генерален директор на Комерцијална банка – Скопје. Во 2004 година беше премиер на Владата на РМ, а од 2002 до 2004 беше министер за внатрешни работи)