„Нов бран“ на Ричард Линклејтер води во номинации за „Цезар“ 2026


Париз – Во салата „Олимпија“ вечерва ќе се одржи доделувањето на наградите „Цезар“ за врвни достигнувања во француската кинематографија за изминатата година. Во тој поглед, и покрај 10-те номинации за филмот „Нов бран“ (Nouvelle Vague) на американскиот режисер Ричард Линклејтер, добитниците на „Цезар“, се чини, годинава се непредвидливи –  особено поради „нејасниот успех во домашните киносали“ т.е. на благајните, според тамошните критичари и медиумите.

Пренесувајќи ги гледачите зад сцените на легендарната драма „До последниот здив“ на Жан-Лук Годар, со новиот црно-бел игран филм, Американецот ја одразува својата љубов кон движењето што ја револуционизираше кинематографијата кон крајот на 1950-тите и следните 60-ти.

Остварувањето ќе се соочи со „Приврзаност“ (L’attachement) на Французинката Карин Тардје – драма за жена која се зближува со својот сосед и неговите деца; потоа криминалистичкиот „Досие 137“ (Dossier 137) на Доминик Мол, којшто раскажува за истрага за полициска бруталност; „Најмалата сестра“ (La petite dernière) – младешка драма на Афсија Ерзи, за муслиманка растргната меѓу верата и својата привлечност кон жените; и „Обичнa случајна несреќа“ (на персиски: Yek tasadof-e sadeh) – на иранскиот режисер и сценарист Џафар Панахи и манифест против бруталноста и насилството снимен Исламската Република, снимен тајно во Иран и награден со „Златна палма“ на Канскиот филмски фестивал.

Овие пет приказни ќе се натпреваруваат за наградата за најдобар филм на 51. доделување. Се врачуваат и одличја за глума, режија, сценарио, за техничките категории (сценографија, монтажа, звук итн.), дебитант и најдобар странски филм.

Непосредно пред објавувањето на номинациите, Академијата го помести претходно објавениот датум на церемонијата за да се избегне судир со голем телевизиски добротворен настан.

Доделувањето на наградите сега ќе се одржи вечерва, наместо на 27 февруари, со ѓирито ќе претседава Камил Котин, а водител ќе биде Бенџамин Лаверн со поддршка од разни француски филмски уметници.

Џим Кери ќе го добие почесниот Цезар оваа година, по Џулија Робертс (2025), Кристофер Нолан (2024), Дејвид Финчер (2023), Кејт Бланшет (2022), Роберт Редфорд (2019) и Џорџ Клуни (2017). (Дедлајн)