Ноќта кога со вино му наздравивме на „Александар јава на запад“: Промовиран новиот роман на Венко Андоновски
Андоновски истакна дека овој роман е „резултат на несреќен случај. Одамна ја носам идејата да напишам фарса, а тоа може да биде непријатно“
„Чекајќи роман“, по точно три години од големиот книжевен спектакл што го одбележа пристигнувањето на „Папокот на светлината“ во Кино „Милениум“, и по големиот успех на оваа книга што досега доби 6 изданија и меѓународната Толстоева награда „Јасна Полјана“, Венко Андоновски се врати на книжевната сцена со фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост „Александар јава на запад“, во издание на „ТРИ“.

Синоќа, во МНТ, во амбиент замислен како разговор, а не како класична промоција, во присуство на бројни гости од сите сфери на живеење, промоторите, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и новинарот Ерол Ризаов го претставија „новиот“ Андоновски и ни го доближија романот давајќи ни патоказ за неговото читање, истакнувајќи го и влијанието на Андоновски врз домашната литература и воопшто во општеството.

Андоновски, омилен меѓу читателската публика, универзитетски професор и почесен член на МАНУ, е автор, меѓу другото, на 2 книги поезија, 3 книги раскази, пет романи, 1 прирачник за креативно пишување, 18 изведени театарски пиеси, и едно сценарио за игран филм. И покрај целиот овој опус, со „Александар јава на запад“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени.

По обраќањето на Бојан Саздов, главниот и одговорен уредник на Издавачки центар ТРИ и читањето на краткиот извадок прочитан од Виолета Танчева-Златева, лекторката на романот, Весна Мојсова-Чепишевска го започна разговорот споредувајќи го големиот македонски автор со имињата на Лујџи Пирандело, Иво Андриќ, Мигел де Сервантес и Лав Толстој, нарекувајќи го ова дело на Андоновски како едно книжевно тесто содржано од сите овие автори.
„Живееме во време кога е потребно да се изнајде нов начин на читање, а не нов начин на пишување. Зашто, ако на приказната не ѝ се потребни убавиот јазик и убавиот збор, тогаш сигурно ѝ е неопходен убавиот начин на читање, кој сега за сега (како формула, како збир на правила) не постои, но се надеваме дека со текот на времето и ќе се пронајде. Впрочем, како што постојат талентирани и неталентирани писатели, така постојат и надарени и ненадарени читатели. Да се пронајде нов начин на читање, да се поведе некоја друга, нова игра со читателот – тоа во прв план го истакнува Андоновски во својата поетика. Читателот е ставен во центарот на вниманието, тој не е ни пасивен конзумент, ниту пак е надвор од самото дело (овојпат од она што ти го именуваш како „чекајќи романот“ или поточно она што запишувачот псевдо-Венко Андоновски го истакнува кога вели: „,,, некому можеби ќе му заличи на роман, некој можеби ќе препознае во него современ историски роман од типот на Војна и мир, некој ќе рече – ова е новела, но ова не е сигурно ниедно од тие нешта“), потенцираше синоќа, Мојсова-Чепишевска.

„А ти, Венко, ги ослободуваш и Александар и Гоце Делчев, од цврстата историска матрица, ги извлекуваш од историските читанки (од таму каде што најмногу ни наоѓаат забелешки нашите соседи), ги ослободуваш и од документите, списите, архивите …Затоа и не е воопшто пренасилено ако кажам дека нивната авантура може да се чита и како некоја македонска псевдовитешка и псевдоисториска приказна, како псевдодосие…, рече синоќа, Чепишевска.
Разговорот течеше во комична нишка, всушност, како што соодветствува и оваа фарса, за којашто самиот автор изјави дека се забавувал од прва до последна страница. „Историјата е мртов и недоверлив дискурс, јас сакав да погледнам од една друг аспект“, изјави тој.
Андоновски истакна дека овој роман е „резултат на несреќен случај. Одамна ја носам идејата да напишам фарса, а тоа може да биде непријатно“.
„Александар јава на запад“ е прв роман од ваков вид на домашната книжевна сцена, што пополнува една празна графа, а тоа е, според Венко, начин на дрскост, но самиот се чувствувал охрабрено од своите драми. Сепак, „Не треба да се однесуваме кон историјата како кон Свето писмо“.
Ерол Ризаов пак, даде еден поинаков призвук на промоцијата. „Александар јава на запад“ го означи како „фарса што може да се претвори во историја. А фарсата е најтешко нешто да се пишува дури и во новинарството.“
Промоторите го одбележаа романот како четиво што не е на страна на историјата, туку на оние што страдаат од историјата.
Во разговорот беше спомената и средбата на Андоновски со големиот писател Милан Кундера и како дошло до тоа, по девет месеци од нивната средба, Кундера да напише страница и пол поговор за авторското ремек-дело „Вештица“.

Фото: Б. Грданоски
„Твоите ликовите во „Александар јава на запад“ се далеку од играта за било каков вид на психолошка мотивација или за асоцијативно сфаќање на подсвеста, иако на моменти кај нас, како читатели (барем кај мене), се јавува сомнеж дека има и таква тенденција, особено кога вметнуваш и некои промислувачи на книжевноста, па и теоретичари, како на пример Аристотел (и покрај тоа што знаеме дека тој му бил учител на Александар кој ете по 24 века се очудува и очовечува како полнокрвен лик од самиот споменик „Воин на коњ“), па и Фердинанд де Сосир, или промислувачи како Јохан Кеплер (клучната фигура во астрономската револуција на 17 век). Ама се воодушевив кога го читав оној микс од ликови (Академикот, Реверентот, Кузман Капидан, Олошот, Анте Поповски и неговите синови) кои им се придружуваат на Александар и Гоце Делчев. Нив ги има и во твојата посвета кон овој т.н. „чекајќи роман“.

Само не можев да го разоткријам хирургот, д-р Марјан Камилоски. Дали тој ти помагаше кога ги осмислуваше сите оние „операции“ на патувањето кон Запад (походите кон Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, па сè до Хаг, битките, бегањата, трчањата, апсењата …), кои така вешто знаеше да ги засечеш, така прецизно да ги забибериш и како со хируршки нож да ни отвориш рана или да ни засечеш нерв? Притоа така добро ги засекуваш и Србите (преку Петар Ичко и Аристотел од Свилајнац), и Хрватите за кои потенцираш дека најмногу ја преферираат професијата Хрват, и Словенците кои се опиваат со лашко и притоа не смеат да уринираат, а најмногу го касапиш Хаг преку онаа Карка дел Мелоне која некогашниот голем херој во Индија го решава како воен злосторник. Го позајми тој нож од Камилоски?“, го праша Чепишевска, синоќа, авторот.

Чепишевска истакна дека во „Александар јава на запад“ чита и една книжевна верзија на К15. „Александар јава на запад“ како да поттикнува за еден иден ситком (ситуациска комедија) во стилот на „Ало, Ало“ или „Монти Пајтон“, „Црна змија/гуја“ („Blackadder“).
„Па добар текст е и за стендап комедија!, рече, таа.

„А како го објаснуваш она твое искажување во „Епилогот“ кон „Александар јава на Запад“ дека „книжевноста има моќ поголема од политиката: може да избрише, но може и повторно да изгради споменик.“? Дали од овој твој т.н. жанр „чекајќи роман“ кој ми наликува на она чекајќи го ручекот да се дозготви, може било кој читател да си направи филм, тв-серија, театар, монодрама, подкаст, ситком, зашто и за да го направи тоа, најпрвин мора да биде читател, а потоа сценарист, режисер, музичар, актер, водител, инфлуенсер?, праша синоќа Чепишевска.

И за крај.
„Со што ќе му наздравиме на походот на Александар кон Запад? Со виното на Александар или со ракијата на Гоце? И секако со тоа што „Александар јава на запад“ ја купуваме за да ја читаме и за да се смее низ солзи!“, поентираше синоќа Чепишевска. (Л.С.)