„Ноќ на музеите“ во Охрид в сабота со посета на 12 локации во стариот дел на градот


 Охрид повторно ќе биде во знакот на културата, традицијата и уметноста, со „Ноќта на музеите“ што в сабота вечерта ќе се одржува на 12 локации низ стариот дел на градот.

Во рамки на четиричасовната културна програма „Охрид – Град музеј“, посетителите ќе имаат можност да посетат 12 интересни локации и да се запознаат со различни сегменти од охридското културно и историско наследство преку изложби, демонстрации, дегустации, работилници и уметнички настапи.

Програмата започнува од Долна порта, предвидена како место за средба, по што посетителите ќе можат да ги проследат активностите на повеќе локации долж улицата „Цар Самоил“.

На „Малезан Филигран“ ќе биде претставена традицијата на филигранството преку демонстрација, додека во „Култура 365 / Музеј А. Ден Долард“ ќе биде поставена музејска поставка. „Концепт XI“ ќе понуди сувенири и дегустација на вино, а во Куќата на Робевци ќе може да се погледне изложбата „Охрид – Свето таинство“ од Зоран Вељаноски – Летра.

Програмата продолжува во Музејско-културниот центар „Лапидариум“ со изложбата „Охрид низ фотографии“, додека Куќата на Уранија – МАНУ ќе биде домаќин на изложбата „Уште една средба со светлината“, со дела од Јордан Манасиески и Галерија „Букефал“.

Посетителите ќе можат да ја посетат и Спомен-куќата на Христо Узунов, каде што ќе бидат претставени поставка и писма, како и работилницата за стара хартија на Љупчо Паневски, каде ќе се демонстрираат процеси поврзани со занаетот и традицијата.

Во ателјето „Трон“ ќе биде претставена охридската резба преку демонстрација и изложба, додека во Вила „Пупин“ – Сараиште програмата вклучува вино, вински подрум и настап на ВИС „Билјана“.

Посебно место во програмата имаат и охридските бисери „Филеви“, со презентација и демонстрација, а завршницата е предвидена во црквата „Света Софија“, со ликовна изложба, коктел и музичка програма со опера и пијано.

„Ноќ на музеите“ е замислена како можност охридското културно наследство да се доживее поинаку – низ вечерна прошетка низ стариот град, со отворени врати на културни простори, занаетчии, уметници и чувари на традицијата.

Настанот се реализира со поддршка на Општина Охрид и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.