Нобеловката Малала Јусафзаи: Израел го уништи образовниот систем во Газа


Пакистанската активистка и добитничка на Нобеловата награда за мир, Малала Јусафзаи денеска изјави дека Израел го „десеткувал“ образовниот систем во Појасот Газа, каде што води војна против палестинското движење Хамас од 2023 година.

-Во Газа, Израел го десеткуваше целиот образовен систем. Тие ги бомбардираа сите универзитети, уништија 90 отсто од училиштата и неселективно ги гаѓаа цивилите кои се засолниле во училишните згради, рече таа на состанокот за образование на девојчињата во Исламабад, каде што присуствуваат претставници на десетици земји, главно од исламскиот свет.

„Ќе продолжам да го осудувам кршењето на меѓународните и човековите права од страна на Израел“, рече Јусафзаи, пренесена од француските медиуми.

Израелските медиуми објавија дека палестинската екстремистичка група Хамас користи цивили како „човечки штит“ и се бори од цивилни области, вклучувајќи училишта, домови, болници и џамии.

Јусафзаи апелираше до муслиманските лидери да не и даваат легитимитет на талибанската влада во Авганистан и да се спротивстават на ограничувањата на образованието на жените и девојчињата.

Претставници на талибанската власт во Авганистан не дојдоа на средбата во Исламабад.