Нобеловецот Ласло Краснахоркаи со две книги застапен во Македонија

Издавачки центар ТРИ во 2015 и во 2016 ги објави романите „Сеиобо таму долу“ и „Меланхолија на отпорот“, во одличен превод на Златко Панзов


Нобеловата награда за литература за 2025 година му е доделена на унгарскиот автор Ласло Краснахоркаи, за „убедливиот и визионерски опус кој, среде апокалиптичен ужас, ја потврдува моќта на уметноста“.

Ласло Краснахоркаи е добитник на Нобеловата награда за литература за 2025 година

Краснахоркаи е познат по своите дистописки, меланхолични романи, кои веќе имаат освоено бројни награди во светот.

Македонските читатели се запознаени со неговиот опус уште од 2015 и 2016 година, кога Издавачки центар ТРИ ги објави романите „Сеиобо таму долу“ и „Меланхолија на отпорот“, во одличен превод на Златко Панзов.

„Овие книги беа препознаени од македонската читателска публика како уникатни и раскошни современи приказни проникнати со надеж среде бурното време што го живееме. Краснахоркаи има репутација на строга фигура во европската висока култура. Тој е бескомпромисен посветеник на високата книжевност, со љубопитен, разигран и забавен дух. Неговите дела се доказ за моќта на книжевноста не само да ја прикаже реалноста, туку и да ја менува“, изјавија за „Независен“ од Издавачкиот центар ТРИ и потенцираат дека се размислува за преобјавувањето на книгите на Краснахоркаи кои низ годините се распродадени. (Л.С.)