НЛБ банка обезбеди 8 милиони евра од ЕБОР за „зелени“ кредити за домаќинствата и за конкурентност на фирмите
НЛБ банка и Европската банка за обнова и развој денес промовираа две нови кредитни линии во вкупен износ од 8 милиони евра наменети за зголемување на конкурентноста на компаниите и за подобрување на енергетската ефикасност во резиденцијалниот сектор.
„Обезбедувањето на новите кредитни линии претставува продолжување на успешната соработка меѓу НЛБ банка и Европската банка за обнова и развој како и продолжување на нашата заедничка мисија за обезбедување континуирана поддршка на македонската економија“, рече на прес конференција Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, потпишувајќи ги договорите.
Тој објасни дека финансискиот пакет од 8-те милиони евра се содржи од две кредитни линии, едната од 5 милиони евра од Програма за поддршка на конкурентноста на локалните мали и средни претпријатија, а втората од три милиони евра од Програмата за финансирање на зелена енергија за поддршка на инвестиции во зелени технологии и пред се во резиденцијалниот сектор.
„Со потпишување на овие договори покажуваме дека и во ситуација на невидена и непозната пандемиска криза предизвикана од КОВИД-19 и понатаму во фокус ја имаме определбата за поддршка на развојни проекти и ги поддржуваме нашите клиенти во нивните развојни иницијативи“, нагласи Аргир.
Тој додаде дека новите кредитни линии се од особена важност за клиентите на банката затоа што ќе им обезбеди полесен пристап до средства за финансирање на проекти за обновливи извори на енергија, остварување на енергетски заштеди и заштеди на животната средина како и зголемување на конкурентноста на малите и средни компании.
Покрај поволните услови овие кредитни линии нудат и дополнителни погодности, објасни Аргир.
„По успешно имплементирање на инвестицијата се добиваат финансиски стимулации во вредност од 15 отсто од износот на кредитот кај правните лица и 15-35 отсто кај физичките лица, односно во инвестициите во резиденцијалниот сектор“, рече Аргир.
Тој додаде дека конкретните услови за кредитите ќе бидат објавени во наредните два дена, но генерално, кај правните лица периодот на отплата ќе биде пет години, со грејс период од една година,, а каматните стапки ќе се движат од 3 до 5 отсто. Кај физичките лица ќе има два кредитни производи – еден потрошувачки кредит до 10 илјади евра и еден станбен кредит до 50 илјади евра. За заедница за станари висината на кредитот ќе биде до 300 илјади евра.
Од ЕБОР, Договорите за кредитните линии ги потпиша Анди Аранитаси, претставник на ЕБОР за Северна Македонија, кој порача граѓаните да не се двоумат и да инвестираат во енергетската ефикасност.
„И двата проекти ќе придонесат за обновување на македонската економија од КОВИД кризата. Линијата за конкурентност е добро позната на пазарот – наменета е за малите и средни претпријатија кои инвестираат во нова опрема, нови простории, нов софтвер, и се друго што може да им помогне да ги достигнат ЕУ стандардите“, рече Аранитаси, кој за втората кредитна линија порача дека граѓаните не треба да размислуваат за инвестиција во домовите, туку да ја реализираат. (М.Ј.)