„Њујорк тајмс“ за Томпсон, Пленковиќ и усташтвото: „Фашистичкиот поздрав го оживеа крвавото минато на Хрватска“
Влијателниот весник ја сецира популарноста на контроверзниот пејач Томпсон и сѐ погласната фашистичка реторика во Хрватска. И прашува во кој правец оди земјата

Концертите на Марко Перковиќ Томпсон, на кои присуствуваат најистакнатите членови на хрватскиот државен врв, на чии проби лично присуствува премиерот Андреј Пленковиќ и неговото семејство, како и големото оживување на усташството под покровителство на владејачките структури, се тема на голем текст во „Њујорк тајмс“, кој во неделата, откако медиуми како Блумберг и Би-Би-Си веќе го сторија тоа претходно, се занимаваше со овој феномен. Затоа што Хрватска оди по патеки со кои кокетираше дел од јавноста, а сега како да станува мејнстрим на официјалната политика.
Американскиот весник во обемна статија носи извештај од градот Сињ за музичарот чии два концерта ова лето привлекоа огромен број луѓе, но предизвикаа и жестоки дискусии во Хрватска и пошироко поради употребата на усташки симболи и сè погласната фашистичка реторика. Новинарот Џо Оровиц ја опишува атмосферата на концертот на почетокот на статијата: „Стотици дронови го осветлија ноќното небо во облик на Богородица, ангели и крст додека пејачот Марко Перковиќ брзаше по сцената. Пиротехниката испраќаше пламен и огномет во воздухот. Потоа со дисторзија исполнетиот увод на неговата најпозната песна почна да достигнува крешчендо“.
Бројната публика врескаше, се палеа факели, а Томпсон го предводеше скандирањето на воениот извик на хрватските фашистички власти за време на Втората светска војна, режим чија бруталност, според „Њујорк тајмс“, ги шокирала дури и неговите нацистички сојузници. „За дом!“, извика тој. „Спремни!“, одговори публиката, продолжува текстот.
„Непоколеблив чувар на наследството“
Според „Њујорк тајмс“, Томпсон веќе три децении користи националистичка реторика во своите песни за да се прикаже себеси и своите обожувачи како непоколебливи чувари на хрватското наследство. Тој сега привлекува најголеми маси во својата кариера, а неодамна настапи пред, како што тврдат организаторите, 500.000 луѓе на 5 јули во Загреб.
На тој концерт и на уште еден месец подоцна во Сињ, многу од обожувачите на Томпсон носеа црни беретки и маички што личеа на униформите на усташите, фашистичката група што ја предводеше Независната Држава Хрватска, германска марионетска држава во Втората светска војна. На некои од маиците беа испишани зборовите од усташкиот воен поздрав, објавува „Тајмс“.
„Бруталноста на усташкиот режим беше толку екстремна што дури и највисокиот нацистички командант во НДХ рече дека ‘побеснеле’ откако бил сведок на сцени на масовни убиства, силувања и мачења. Историчарите проценуваат дека усташите убиле стотици илјади цивили, претежно Срби, како и Евреи, Роми и политички противници“, се вели во текстот на „Њујорк тајмс“.
Томпсон како „забрането овошје“
По концертот на Перковиќ во Загреб, Европската комисија издаде соопштение во кое се осудува „секој израз на фашизам што нè потсетува на најтемните периоди од европската историја“. Српскиот претседател Александар Вучиќ го осуди концертот за промовирање „неонацистички вредности“. Новинарот на „Тајмс“ пишува дека многу од обожаувачите на Томпсон очигледно се приврзале кон идеализираната визија за Хрватска што тој ја изразува во своите песни како противтежа на раширеното незадоволство во земјата, особено кај младите.
Младите луѓе ја напуштаат Хрватска во голем број откако земјата се приклучи на Европската унија во 2013 година. Од 2011 до 2021 година, населението се намали за 10 проценти бидејќи луѓето бараа повисоки плати на друго место, бегајќи од политички нефункционалната и корумпирана земја. Познатиот историчар Хрвое Класиќ изјави за њујоршкиот весник дека во имиџот на Перковиќ постои елемент на „забрането овошје“ што ги привлекува обожувачите. „Со децении, Томпсон е многу контроверзна фигура и, како што често се случува, особено меѓу младите луѓе, но не само меѓу нив, она што е забрането станува особено интригантно и интересно“, рече тој.
На своите концерти, Перковиќ продолжи да го промовира долгогодишниот наратив на жртва што го прикажува него и неговите обожувачи како борци против цензурата што се стреми да го забрани изразувањето на националната гордост. По распадот на фашистичката држава и вклучувањето на нејзината територија во Југославија, сите симболи, слогани и песни од усташкиот период беа забранети. Прекршителите ризикуваа апсење или затвор, пишува понатаму „Њујорк тајмс“.
Разубавување на фашистичкото минато
Многу Хрвати веруваат дека овие „ограничувања“ служеле за потиснување на нивниот идентитет, додава весникот. „Бевме напаѓани, прогонувани, други се обидуваа да ни наметнат нешто што не сме“, им рече Томпсон, кој е популарен со децении, но чие влијание само расте во последниве години, на фановите во Сињ. Неговите песни станаа стандард на патриотските собири и прослави низ Хрватска, а најзапаметен беше дочекот на фудбалерите кои освоија сребрен медал од Светското првенство во 2018 година, на кој тој пееше. За фановите, Перковиќ е херојски симбол на хрватскиот идентитет. „Тој е единствениот кој останува лојален на татковината“, рече Марин Биланџија, кој беше на концертот во Сињ со сопругата и две од неговите три деца.
За критичарите, Перковиќ е провокатор и националист кој продава плочи разубавувајќи ја иконографијата на фашистичкото минато на Хрватска и користејќи католичка симболика што многу Хрвати ја гледаат како клучен дел од нивниот идентитет. Тие исто така се плашат дека неговата популарност е знак за поместување кон десно во Хрватска, каде што многу млади луѓе се чувствуваат разочарани од политичкиот мејнстрим.
Но, мејнстрим политичарите во Хрватска, исто така, ја искористија популарноста на Томпсон. Премиерот Пленковиќ и неговите деца позираа за фотографии со Перковиќ пред концертот во Загреб, а министерот за одбрана Иван Анушиќ беше на концертот, отворено признавајќи дека учествувал во скандирањето „За дом спремни“. Перковиќ стана познат во 1991 година со песната „Бојна Чавоглаве“, која ја напиша додека служеше како војник во одбраната на Хрватска по распадот на Југославија. Песната започнува со повик и одговор што тој го употреби и на концертот во Сињ – усташкиот воен поздрав „За дом спремни“.
Прашање за слободата на изразување
Песната ја слави битката од 1991 година меѓу српските бунтовници и селаните од неговото родно село Чавоглаве. Перковиќ, кој се борел во битката, го зел своето воено име од застарениот митралез што го користел. Според „Тајмс“, популарноста на песната го претворила војникот Томпсон во пејачот Томпсон. Песната, која ги слави слабо вооружените хрватски војници на фронтот, стана националистичка ода за Хрватите кои се борат за независност, а потоа, по меѓународното признавање на Хрватска во 1992 година, симбол на новостекнатата држава.
Пејачот ја бранеше употребата на поздравот што ја отвора песната, повикувајќи се на пресудата на хрватскиот суд дека не претставува говор на омраза ако се користи за одбележување на Татковинската војна, како што тврди тој. Тој го сведе целото прашање на прашање на слобода на изразување. „Ова е слобода. Слобода кога ни е дозволено да го изразиме нашиот став, нашето мислење. Слобода за која загинаа нашите бранители. Секој што живее во нашата татковина мора да ги почитува хрватските бранители и нивните симболи“, рече Перковиќ од сцената во Сињ, осврнувајќи се на контроверзниот извик.
Еж со слатки очи и остри боцки
Новинарот на „Њујорк тајмс“вели дека неговите други два најголеми хита ја одбележуваат „Бура“, воената операција што ги отстрани српските сили од сега независна Хрватска, дом на 3,8 милиони луѓе. Ова лето, Хрватска ја прослави 30-годишнината од операцијата, која Хрватите ја гледаат како доказ за нивната храброст и воена лукавост, додека групите за човекови права и Србија ја гледаат како етничко чистење, објавува „Њујорк тајмс“, истакнувајќи ги неправосилните пресуди за воени злосторства на хрватските генерали во Хаг кои на крајот беа поништени.
Многу обожувачи велат дека не го гледаат во што е проблемот со Перковиќ. „Хрватска ги сака сите. Ги сакаме Србите. Ги сакаме Бошњаците“, рече Давор Перков, воен ветеран кој присуствуваше на концертот во Сињ.
Тој ја отфрли идејата дека алузиите и симболите што Перковиќ ги користи во своите песни се фашистички, велејќи дека нивните значења се промениле во 1990-те, кога и тој „голорак“ се борел против српските сили. „Денешните деца повеќе не мора да се борат. Ние го решивме тоа“, рече тој. Тој рече дека музиката на Томпсон ја одразува двосмисленоста во природата на Хрватите. „Ние сме како ежеви. Ќе не погледнеш во очи и ќе се растопиш, но ако нè нападнеш, ќе откриеш дека имаме остри боцки“, изјави Перков за „Њујорк тајмс“.