Њујорк Тајмс: Оставката на премиерот Вучевиќ е измама, Вучиќ сака да купи време


Српскиот претседател Александар Вучиќ го „жртвуваше“ својот премиер во обид да ги смири протестите што ја зафатија Србија, кои се голем предизвик за неговото десетгодишно владеење. се наведува на почетокот на анализата на Њујорк Тајмс за тоа што се случува во Србија.

-Премиерот Милош Вучевиќ, близок соработник на претседателот Вучиќ и лидер на владејачката Српска напредна партија (СПП), поднесе оставка со цел „натаму да не се зголемуваат тензиите во општеството“. Ова се случи само неколку часа откако Вучиќ повика на „итна и сеопфатна промена на власта“.

Способен да маневрира во длабоко поларизираната српска политика, како и меѓу Русија и Западот, Вучиќ има долга историја да ги истиснува своите сојузници, барем на одредено време, и да ги исфрли опозициските партии од рамнотежа. Неговите противници се обидоа да го предизвикаат на изборите, но сега се приклучија на студентските протести, пишува и Њујорк Тајмс.

Нејасно е дали заминувањето на премиерот ќе ги смири или можеби дури  ќе ги ескалира националните протести, кои беа поттикнати од гневот на јавноста поради смртта на 15 лица кога се урна настрешница на 1 ноември на железничката станица во Нови Сад.

Студентите кои со недели ги блокираат универзитетите се собраа во вторник, на 28 јануари, пред седиштето на владејачката партија во Нови Сад, каде непознати приврзаници на Вучиќ претепаа неколку студенти. Ѕидот од седиштето на партијата беше покриен со графити со натписи „Убијци“, „Крадци“. Антивладините активисти ги продолжија протестите во градот Ниш.

Вучиќ во понеделникот вети дека ќе го исполни едно од главните барања на студентите – објавување на договори и други документи поврзани со реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, извршена од кинеска компанија и нејзините подизведувачи. Поголемиот дел од првичните барања на студентите се исполнети, вклучително и гонење на одговорните за катастрофата и разрешување на министрите кои го водеа проектот за реконструкција, министерот за транспорт и инфраструктура и министерот за трговија. Меѓутоа, како што протестите земаа замав, опозициските политичари почнаа да бараат Вучиќ да формира „преодна влада“.

„Вучиќ се обидува да купи време, очекувајќи дека протестите ќе стивнат“, рече Драгомир Анѓелковиќ, политички аналитичар кој ги поддржува студентите. Протестите, додаде тој, ќе продолжат бидејќи оставката на премиерот е „едноставно обид за уште една измама“, пишува Њујорк Тајмс.

Српското претседателство некогаш беше главно церемонијална функција, но откако Вучиќ ја презеде функцијата претседател по изборите во 2017 година, по мандатот како премиер, тоа стана доминантен центар на моќ во Србија и во фокусот на гневот на опозицијата.

Политичката криза во Србија, во која зетот на претседателот Трамп, Џаред Кушнер работи на договор за луксузен хотел Трамп во центарот на Белград, создава дилема за новата американска администрација. За време на претседателот Бајден САД се обидоа да му се додворат на Вучиќ, обидувајќи се да го одвојат од традиционално блиското партнерство на Србија со Русија, а опозициските политичари ги критикуваа дека се премногу меки кон српскиот претседател.

Политиките на администрацијата на Бајден дадоа одредени резултати, вклучително и тајната продажба на српска муниција и оружје во вредност од речиси една милијарда долари што ќе ги користи Украина против руските сили, како и поддршката на Србија за резолуциите на ОН за осуда на руската инвазија, потсетува Њујорк Тајмс. 

Сепак, Србија не се приклучи на западните санкции против Русија и ги усвои руските позиции како одговор на протестите, а Вучиќ тврди дека протестите се обид да се организира „обоена револуција“ предводена од „агенти“ од Западот. Минатата недела Србија депортираше пет активисти од Хрватска, кои ги обвини дека им помагале на српските групи вклучени во протестите.

Србија аплицираше за членство во Европската унија во 2009 година, но нејзината ориентација кон Русија, сомневањата за нејзината посветеност на демократијата и други прашања го одложија нејзиниот влез. Некои аналитичари и дипломати велат дека Русија ги поттикнува протестите за да изврши притисок врз Вучиќ да се откаже од неговите „периодични додворувања со Западот“. Српските воени ветерани се приклучија на протестот, веејќи руски знамиња, објави весникот.

Во Србија во последните години имаше неколку протести против Вучиќ, но сегашните добија поддршка. Меѓу оние кои изразија поддршка или барем сочувствуваа со демонстрантите се синдикатот на вработените во државната јавна телевизија РТС и српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, чие семејство гласно го поддржуваше претседателот Вучиќ во минатото.

Претходните протести – против ограничувањата на Ковид-19, враќањето на демократијата, насилството и големиот рудник за литиум – беа главно ограничени на Белград и на крајот згаснаа.

Падот на натстрешницата во Нови Сад и наводите за корупција во градежните договори предизвикаа гнев многу подалеку од главниот град, станувајќи катализатор за пошироко незадоволство против авторитарните функционери, широко распространетта корупција и медиумски пејзаж во кој доминираат провладините таблоиди и силно пристрасната државна телевизија.

Протестите во Белград, Нови Сад и други градови привлекоа десетици илјади луѓе, парализирајќи го сообраќајот. Големината и издржливоста на демонстрациите се споредуваат со немирите од доцните 1990-ти до 2000 годуна, кои го соборија српскиот диктатор Слободан Милошевиќ, кој предизвика катастрофални војни против соседите, се заклучува во анализата на весникот Њујорк Тајмс.

Масовните протести во Србија го загрозуваат системот на владеење на Александар Вучиќ. Тој се соочува со својот најголем предизвик откако дојде на власт во 2012 година, кога неговата Српска напредна партија (СПП) почна да ја презема земјата. Денешните протести потсетуваат на „народното востание“ со кое беше соборен Слободан Милошевиќ во 2000 година, коментира германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг (ФАЦ).

-Протестите започнаа по смртоносното уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, а првичното тврдење на властите дека структурата не е реновирана се покажа како „лага“. Оттогаш граѓаните молчат по 15 минути, а тоа го прават секој ден во 11:52 часот, кога се случи трагедијата.Овие политички значајни петнаесет минути се повеќе се појавуваат како закана за владата, особено во светлината на масовните демонстрации кои започнаа на универзитетите, но сега се проширија надвор од академските кругови.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ, сојузник на претседателот Вучиќ, најави дека ќе се исполни барањето за објавување на целата документација за реновирање на железничката станица во Нови Сад. Владата и претходно вети, но не си го одржа зборот.

На контрамитингот на Вучиќ во Јагодина насилно беа вклучени работници, вработени во државните претпријатија и во институциите за социјална заштита. Вучиќ се уште ја задржува поддршката на дел од општеството. Тоа се луѓе кои се донекаде задоволни од економскиот развој и не се загрижени, па дури и среќни поради се понационалистичкиот тон на власта – ги има многу во Србија, особено кај постарите генерации.

Нејасно е дали и како политичката енергија на протестите ќе се претвори во постојана партиска релевантна опозиција. Студентите засега свесно се држат настрана од сите опозициски партии. Тие се самоорганизирани на секој факултет со завидна дисциплина. Но, доколку протестите не доведат до пад на владата, како на 5 октомври 2000 година, останува прашањето како незадоволството ќе се консолидира и ќе добие парламентарна застапеност.

Многумина демонстранти сметаат дека е бесмислено да се учествува на политичката сцена во Србија, бидејќи Српската напредна странка ги контролира Регулаторното тело за електронски медиуми, изборните комисии, судството… Меѓутоа, доколку се отфрли парламентарната опција како алатка за политичка промена, тогаш останува само народно востание, а Вучиќ покажа, не само со контрамитингот, дека нема да ја предаде власта без борба. Ова не потсетува на заканата на Вучиќ за употреба на специјалните полициски единици „Кобра“.

Дури и безбедносните сили на крајот му свртеа грб на поранешниот српски владетел Слободан Милошевиќ. Меѓутоа, во денешна Србија работите не стојат така. Во споредба со економски исцрпената и изолирана од санкции Србија на Милошевиќ, Белград денес стои солидно, а невработеноста е помала. Но, земјата повеќе не е иста како пред инцидентот во Нови САД, пишува ФАЦ.